Македонија е исправена пред сериозни одлуки и граѓаните ќе имаат можност да одлучат каква иднина сакаат. Дилемата е едноставна затоа што 27 години стоевме во место и очекувавме да се отворат процесите за интеграција на земјава и да добиеме можност да живееме рамо до рамо со граѓаните на ЕУ, изјави премиерот Зоран Заев за 1ТВ.
-Убеден сум дека граѓаните ќе донесат одлука за европска иднина, за себе и за другите генерации. Одлуката е едноставна, улицата за ЕУ и за НАТО е еднонасочна – рече Заев.
Тој нагласи дека единствената шанса за Македонија, како мала земја со мал пазар е да гради пријателства. Како што објасни, Грција, која порано имаше непријателски насочена политика, денеска е наш стратешки партнер и и помага на Македонија да добие датум за преговори од ЕУ и покана за членство од НАТО.
-Очекувам огромна, навистина огромна поддршка од граѓаните. Нивна должност е да излезат при секој избор, сигурен сум дека секој граѓанин ќе го сфати како своја должност да излезе и да се изјасни за тоа која иднина е најдобра за него и за неговото семејство – рече Заев.