Сексуалната ориентација и родовиот идентитет за првпат се воведуваат како основи за дискриминација во новиот текст на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Во поимникот се вметнуваат нови термини, меѓу кои „лице со попреченост“, „соодветно приспособување“ и „пристапност до инфраструктурата, добрата и услугите“. Понатаму, се додава нов облик на дискриминација – сегрегација, како и „инструкција“ за дискриминација.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска ги презентираше измените на новиот текст на Законот и рече дека тој има за цел да обезбеди принцип на еднаквост во заштитата од дискриминацијата и во остварувањето на човековите права и слободи. Во него се прошируваат основите, се менува и подобро се дефинира поимникот и дефиницијата за дискриминација.
Називот на „Комисијата за заштита од дискриминација“ се менува во „Комисија за спречување и заштита од дискриминација“, а нејзините надлежности се прошируваат во насока на превенција. Новиот Закон предвидува јасни критериуми за избор на членови на Комисијата, а истите добиваат статус на функционери, со цел да се професионализира Комисијата.
Во однос на судската заштита, се воведува „Тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес” и се укинува потребната писмена согласност од странките во вакви случаи, доколку се работи за група. Со ова дополнување, здруженија, фондации, или други организации од граѓанското општество, како и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на одредена група, или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба, ако со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица.
Се ослободуваат од судски трошоци лицата коишто ќе поведат судска постапка за заштита од дискриминација и се зголемува износот на прекршочните одредби за правни и физички лица за кои ќе се докаже дека сториле дискриминација.
– Со промените во Законот за спречување и заштита од дискриминација обезбедуваме подобри механизми, мерки и активности за правна заштита. Новиот Закон е целосно усогласен со правото на ЕУ и меѓународните стандарди и за него е добиено позитивно мислење од Венецијанската комисија, како и од сите граѓански организации кои работат во областа – рече Царовска.