Дојде време за уште еден историски договор: држава – приватен сектор

Со ваков договор прецизно ќе се дефинира каде престанува мешањето на државата во приватниот сектор; кои се обврските на приватниот сектор спрема државата и како ќе се спроведуваат тие за да бидат ставени во функција на економскиот развој.

2383

И покрај свесноста дека преголемата регулираност на односите во државата може да создаде лавиринт од правила во кој ретко кој може да се снајде, и покрај личниот став за потребата од дерегулација во одредени области, сепак ценам за потребно да укажам на неопходноста од уредување на односите меѓу јавниот и приватниот сектор „на хартија“.

Во што се состои оправданоста за ваков чекор?

Во важноста секој да си го знае местото во системот. Како следбеници на континенталниот правен систем, се практикува односите во државата да се уредуваат со пропис, па можеби затоа оние области и релации кои не се регулирани со закон, договор или друг пропис, сметаме дека не се ни значајни. Поради тоа, сметам дека со склучување на договор помеѓу државата и приватниот сектор, односот помеѓу двата субјекти ќе добие поголемо значење.

Наместо како сега, да се дејствува стихијно и инцидентно во градењето на релациите со бизнис заедницата и во дефинирањето на стратешките приоритети, почнувајќи од обврската за консултација на бизнисот при донесување на прописите, зголемување на квалитетот и брзината на јавната администрација, поддршката и промоцијата на извозот, па се до подобрувањето на состојбите во правосудството, создавање кадар во согласност со потребите на стопанството, квалитетен економско-социјален дијалог, индустриски политики и стратегии за развој.

Менаџерите и сопствениците на капиталот се свесни дека мора да ги исполнуваат своите обврски кон државата, вклучувајќи го особено плаќањето на јавните давачки. Но, истовремено, тие сакаат да бидат уверени дека тие средства ќе бидат искористени во интерес на бизнисите и на граѓаните, и тоа мора да биде регулирано на соодветен начин.

Како организации кои најдиректно ги претставуваат бизнис-интересите на претприемачите, ние сме единствен природен, незаобиколен партнер на јавниот сектор и единствено во партнерство можеме да ја постигнеме заедничката цел – забрзан економски развој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...