Хуманитарен „Светски пикник“ во Градскиот парк

228

Странските инвеститори во Македонија значат многу повеќе отколку само вработувања на работна сила и инвестирање, порача Штефан Петер, директорот на ЕВН Македонија и претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија на денешниот хуманитарен гурмански хепенинг – Светски пикник, што се одржа во Градскиот парк во Скопје.

Тој посочи дека повеќе од 50.000 луѓе во Македонија се директно вработени во странските инвестиции и додаде дека задача на странските инвеститори е да произведат квалификувана работна сила.

– Токму затоа како странски инвеститори работиме на образување на работната сила преку најнови методи и програми кои се применуваат насекаде во светот – рече Петер.

Анета Трајковска од Стопанската комора на Македонија посочи дека особено се горди што странските директни инвестиции во земјава растат од година во година.

– Податокот од Народна банка на Република Македонија говори дека годинава странските директни инвестиции само во првиот квартал се поголеми од вкупните диретни странски инвестиции остварени во 2017 година – рече Трајковска.

Целта на хуманитарниот гурмански пикник е да се промовираат позитивните ефекти на странските инвеститори врз националната економија и да се претстави културата на земјите од каде што потекнуваат преку најавтентичните рецепти од нивните национални кујни и другите културни обележја, како и нивната корпоративна општествена одговорност во Република Македонија.

На хуманитарниот „Светски пикник“ можеше да се вкусат карактеристични рецепти од над десетина различни земји од каде што потекнуваат странските инвеститори во Македонија, а собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...