Третото коло во групата Д на Светското првенство во Русија ќе биде исклучително интересно, бидејќи Хрватска веќе обезбеди пласман, а останатите три репрезентации се борат за втората позиција.
Нигерија во моментов е во најдобра положба со три бода, додека Исланд и Аргентина имаат само по бод со тоа што Исланѓаните имат гол разлика 1:3, а Аргентинците 1:4.
Во последното коло Нигерија игра со Аргентина, додека Исланд со Хрватска. Во однос на овој натпревар хрватскиот селектор Златко Далиќ најави дека планира да настапи со резевните играчи, но тоа наиде на остра реакција кај нигерискиот капитен Џон Оби Микел, кој смета дека на тој начин му се олеснува работата на Исланд.
– Мислам дека тоа не е најдоброто нешто кое можат да го направат. Ова е голем турнир, не можеш да ги одмораш најдобрите играчи и да им дaдеш шанса на другите. Треба да бидат професионалци и да играат со најдобриот тим- истакна Оби Микел.
Нигерија доколку ја победи Аргентина сигурно обезбедува пласман. Но, доколку биде нерешено, ќе зависи од натпреварот меѓу Хрватска и Исланд и ќе треба да се надева дека Хрватите нема да дозволат пораз од два или повеќе голови.
Фото: EPA/MARTIN DIVISEK