Изнесените ставови на господинот Мухиќ ги сметаме за лични негови ставови со кои воопшто не се согласуваме и коишто се спротивни на ставовите на мнозинството граѓани и на мнозинството пратеници во Собранието, реагира СДСМ.
„Македонско-грчкиот договор е патриотски чин. Не може да биде катастрофа Договор кој после децении негирање го обезбедува и гарантира македонскиот идентитет. Македонски народ, Македонци, македонски јазик, македонско оро… обезбедени и зајакнати еднаш засекогаш, ова е една од најсилните причини зошто Мухиќ треба да го поддржи договорот. Дополнително договорот ги отвора вратите за членство во ЕУ и НАТО. Тоа е историски успех со кој треба да се гордееме,успех кој им го ветивме на граѓаните. Не е случајно што целиот демократски свет го позадравува Договорот. За Македонија за прв пат после долги години се слушаат убави вести. Секој има право на свое лично мислење, но од пратеник кој е избран од листата на СДСМ и коалицијата граѓаните очекуваат следење на прогресивните идеи а не на деструктивните, очекуваат поддршка за македонската иднина, а не кочење и враќање назад“, вели СДСМ.
Партијата тврди дека „парламентарното мнозинство е стабилно, се зајакнува и продолжува посветено да учествува во процесите коишто ја движат Македонија напред“.