„Кидај из моје кухиње“ вечерва во Театар Комедија 

222

Поради најавата на невреме во вечерните часови претставата на Шабачкиот театар од Србија „Кидај из моје кухиње“ во рамки на фестивалот на комедијата „Гола месечина“ денеска наместо на вообичаената локација во Спортскиот центар Ново Лисиче, ќе се одигра во Театар Комедија во 21 часот.

Граѓаните  може да подигнат бесплатни билети од билетарницата на театарот.

Во недела завршува фестивалот на комедијата „Гола месечина“

Со комедијата на народниот театар „Антон Панов“ од Струмица „Дванаесеттата ноќ – спроти Водици“ утревечер завршува натпреварувачкиот дел на меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“.

Покрај оваа претстава за најдобра режија, најдобар актер, најдобра актерка, гран при за најдобра претстава во целост и за награда за уметнички впечаток ќе се „борат“ и комедиите „Једваносимсобоакаломистобо“ од Босна и Херцеговина, „Синиот портокал“ од велешкиот театар „Џинот“, „Госпоѓа министерка“ од народниот театар во Ниш, „Умри машки“ од народниот театар во Штип и „Кидај из моје кухиње“ на Шабачкиот театар од Србија.

Изборот на најдобрите ќе го изврши жири-комисијата во состав Магдалена Ризова, Иван Лео Лемо и Љупчо Петрушевски, а наградите ќе бидат доделени во недела на свеченото затворање на фестивалот, кога ќе бидат одиграни детската претстава на Театарот за деца и младинци од Скопје „Тоби“ и стендап комедијата на Марјан Ѓорѓиевски.

Фестивалот се одржува на отворена сцена во Спортскиот центар „Ново Лисиче“, но поради временските услови отворањето беше поместено на сцената на Театар Комедија, а таму ќе се одиграат и другите претстави доколку има невреме до крајот на манифестацијата.

Инаку, фестивалот „Гола Месечина“ игра важна улога во развојот на културниот живот во Општина Аеродром. Токму затоа Општината и оваа година издвои еден милион денари сопствениот Буџет, а овозможува и логистичка поддршка за успешна реализација на настанот. Организатор на настанот е „Театар Комедија“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...