Парчење на етничкото милје

Етничкото има свој генетски знак. Своја препознатлива боја, која не се брише со насилно подигнатите државни гранични бариери. Етничкото не се омеѓува по волја на географи и картографи, зашто има вековен корен.

935

Го слушам еден господин во улога на спец гостин на Телма кај Оливера Трајковска, како ги појаснува суштинските елементи на Договорот со Грција, а човеков се однесува како нашето нацио да е алајбегова слама. Како штотуку да долетал од некоја друга планета, која нема врска со оваа галаксија.
Тој господин, во стил на непогрешив експерт, нè подучи дека и во соседна Бугарија некои се декларирале како да се Македонци, ама тие, според него, не биле етнички Македонци. Демек, не биле како нас.
Лакрдија без преседан. Одродничко поведение.

Во Бугарија има илјадници Македонци

Знае ли, слушнала ли, читала или учела ли таа персона дека стотици илјади етнички Македонци, од егејскиот и вардарскиот дел, по разгромот на Илинденското востание, како и во време на балканските и Првата светска војна, емигрирале во Бугарија? Да не ги спомнуваме Македонците од пиринскиот дел на Македонија, кои во првиот повоен попис, околу 180.000 од нив, ја декларираа нивната македонска етничка припадност.

Цели села од Костурско, Воденско, Леринско, Гевгелиско, Драмско, Ресенско, Оридско… бегајќи од воените пожари, пристан нашле во соседна Бугарија. Македонска трагедија, но ординарна историска вистина.

Македонците ги има и во Варненско, Бургаско, Пловдивско, Пазарџик… Во бугарскиот престолен град, цели квартови го носеле знакот на македонските бегалци. Посебно познат бил Македонскиот кварт околу захарната фабрика. И денес Македонците во Софија меѓу себе се „распознаваат“ според некогашните групирања во маала – Кукушко, Гевгелиско, Ресенско, Охридско…

Според пребројувањата што ги направиле македонските братства и дружества во 1935 година, во Бугарија биле евидентирани околу 650.000 Македонци.
Министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, кој е и лидер на бугарското ВМРО, само пред еден месец изјави дека во Бугарија има 2.000.000 Македонци, кои, според неговата фалшива теорија за етно-генезата на Македонците, тие всушност биле Бугари од Македонија, кои се населиле во Бугарија. Значи, оние Битолчани, Охриѓани, кои емигрирале во Бугарија, не се етнички Македонци. Тој атрибут им припаѓа само на нивните родители, браќа, сестри, роднини, кои останале во Македонија.

Мисловна и одродничка хаварија

Етничкото има свој генетски знак. Своја препознатлива боја, која не се брише со насилно подигнатите државни гранични бариери. Етничкото не се омеѓува по волја на географи и картографи, зашто има вековен корен.

Како да му кажеме на оној господин, доколку навистина е жртва на некаква идеолошка помраченост, дека националното чувство не е артикл со еднодневен рок на траење? Не се добива или губи со договори на маса. Македонците од сите делови на етничкиот простор на Македонија имаат свој оригинален фолклорен белег. Амалгамот што ги врзува во едно. Имаат исто историско паметење. Јазична поврзаност. Исти приспивни или свадбарски песни. Исти тажалки. Исти приказни и иста судбинска болка, каде и да се. Каде и да ги однеле воените или социјалните бури. На било која точка од оваа проколната планета, тие се тоа – етнички Македонци!

Таа теорија на ординарната глупост, кога би имала некаква применливост и на овој степен од нашата цивилизираност, значи дека би требало да се збогуваме и од сите оние Македонци, наши сонародници, кои последниве децении заминаа од татковината во туѓина. Да го сториме неможното – да ги отфрлиме од нашето етничко милје. Од нашата национална целост.

Во секој случај, теории на тежок лаицизам. Тотална мисловна и одродничка хаварија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...