Алексис Ципрас на соседната земја и отстапи нешто за кое ниедна претходна влада немаше разговарано: македонската националност и македонскиот јазик, рече лидерот на Нова демократија Киријакос Мицотакис од Кукуш, каде што присуствуваше на свечената манифестација по повод 105-годишнината од ослободувањето градот.
– Ја посетувам Македонија во еден емотивно затегнат момент. По провокативното славење во Преспа, сѐ повеќе Грци разбираат дека лошиот договор што го потпишаа господинот Ципрас и господинот Заев, веќе започна да произведува резултати. Ципрас и неговото владино мнозинство на соседната земја и отстапија нешто за кое ниедна претходна влада немаше разговарано: македонската националност и македонскиот јазик – рече Мицотакис.
Претседателот на Нова демократија уште еднаш го повтори ставот дека партијата ќе гласа против ратификацијата на договорот кога ќе стигне во грчкиот парламент.