ЕКСКЛУЗИВНО Македонци и Албанци, леви и десни од еден штаб ќе бараат „ЗА“ на референдумот

6374

Заедничка голема кампања на коалиција за евроатлантска Македонија, е идејата на владејачките партии за претстојниот референдум за името наесен, ексклузивно дознава Плусинфо од висок владин функционер.

Главните владини партнери, премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети овој предлог ќе го стават на маса пред коалициските партнери, партиите од албанскиот политички блок, но и граѓанскиот сектор. Замислата е сите општествени сили кои се за евроатлантската иднина на земјата да се обединат и заеднички да тераат кампања за референдумот.

Доколку ова го прифатат коалициските и владините партнери на Заев и Ахмети, како и опозициските партии, тоа ќе значи дека со заедничка кампања со единствен штаб за успешен референдум ќе лобираат и партиите на Мендух Тачи, Африм Гаши, Билал Касами, Зијадин Села и помалите етнички партии и граѓански здруженија кои би се приклучиле на коалицијата.

Ова ќе значи дека и првпат во плурална Македонија би се водела заедничка кампања поддржана од леви, десни и партии од центарот, владејачки и опозициски партии како и од сите помали етнички партии. Под една идеја би застанале Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи…. за успешен референдум.

Се открива дека наместо националистички пораки и набој, кои безмалку беа белег на речиси сите досегашни избори, во кампањата за референдумот ќе се поентира на заедништвото и сплотеноста на граѓаните без оглед на етничката припадност. Албанскиот политички блок за првпат ќе ја потенцира лојалноста кон државата.

Секоја од партиите и функционерите на терен ќе дејствуваат во средините каде ќе се процени дека имаат најголемо влијание врз електоратот, со цел не само да ги убедат во исправноста на референдумската одлука, туку, пред сѐ, за што поголема масовност на референдумот. Како што вели функционерот, кампањата ќе биде од врата на врата за да се изнесе на гласање секој граѓанин во државава.

Информациите се дека кампањата неформално веќе е почната и функционерите веќе се растрчани на терен.

Потврда за тоа се и настапите на пратениците во Собранието, раздвиженоста на  министрите на терен, по медиумите и на социјалните мрежи.

Во контекст на ова и премиерот денеска на својата Фејсбук страница објави:

– Македонија после решавањето на спорот околу името ќе добие покана за членство во НАТО.Тоа уште позабрзано ќе ни ги отвори портите на ЕУ и ќе обезбеди просперитет, стабилен и добар живот за нашиот народ.

Ајде да бидеме сите заедно под знамето на нашата држава кога ќе се крене на јарболот пред седиштето на НАТО во Брисел. Да ги кренеме главите, да се издигнеме над нашите делби и поделби додека гледаме како гордо се вее нашето знаме.

Одиме напред!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...