Францускиот претседател Емануел Макрон се „истресе“ на еден француски тинејџер, бидејќи го нарече по прекар „Ману“ и ја пееше химната на социјалистите пред него.
Тоа се случи на северот на Франција, на комеморацијата на генералот Шарл де Гол, пренесува „Ројтерс“.
Момчето, на возраст од околу 15-16 години, стоело зад оградата додека Макрон поминувал покрај толпата и ја пеело Интернационалата, пред да му дофрли на Макрон: „Што има, Ману?“
На тоа Макрон остро му одговорил дека не смее така да се однесува, бидејќи е на официјална церемонија.
– Можеш да се однесуваш како кловн, но ние денес ја пееме Марсељеза и партизанските песни. Обрати ми се со „господине претседател“ – рекол Макрон.
Момчето му се извинило, но Макрон продолжил да го кара.
– Мораш да ги правиш нештата на вистинскиот начин. Ако сакаш еден ден да предводиш револуција, прво мораш да стекнеш диплома и да научиш како да заработиш пари за да преживееш – рекол Макрон.
Како што се наведува, тоа не е првпат Макрон во јавноста да им дели лекции на оние што не го почитуваат или го предизвикуваат, а во текот на минатогодишната претседателска кампања кога еден од работниците го обвини дека е „човек во костум“, тој рече дека „најдобар начин да го платиш костумот е да добиеш работа“.