Претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи, кој денеска се сретна со еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и тројцата европарламентарци членови на дијалогот Жан Моне, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, вели дека е уверен дека на крајот на овој месец Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ.
Ист оптимизам и од страна на европратеникот и известувач за Македонија, Иво Вајгл, кој е убеден дека земјите членки ќе постигнат компромис по ова прашање и покрај негодувањата на земји како Франција и Холандија.
– Не е дека се надевам, убеден сум дека во ЕУ ќе преовладее интересот за стабилна Европа, што значи европска перспектива за земјите од југоисточна Европа. Можеби е тоа сега предмет на политички разговори кај членките, но верувам дека ќе се постигне договор – изјави Вајгл.
Мендух Тачи вели дека никогаш не бил толку оптимист дека ќе добиеме датум за преговори со ЕУ.
– Многу е важно што мојата импресија е дека земјите членки се многу блиску да ни доделат датум за почеток на преговори. Би требало заеднички како Влада да им објасниме на граѓаните дека е тоа најдоброто што може да им се случи – изјави Мендух Тачи.
Во тој контекст тој повика на соработка со граѓанското општество и интелектуалците во кампањата за референдумот за договорот со Грција.
За европратеникот Иво Вајгл, Мендух Тачи „е секогаш добредојден гостин“ во Европарламентот.
– Тој има долгогодишно искуство во политика, најголем дел од разговорот го посветивмена на ситуацијата околу договорот. Тачи смета дека тој договор отвора добра перспектива за подлабока соработка помеѓу власта и опозицијата во Собранието – додаде Вајгл.
Разговарале и за односите меѓу партиите кои ја застапуваат албанската националност во Македонија.
– Тачи рече дека се зајакнува емпатијата меѓу тие партии и подготвеноста за соработка. Тој рече дека очекува договорот за името да биде прифатен и дека мнозинството Македонци ќе го прифатат овој договор без разлика на тоа дека сега даваат разни проценки и го изразуваат своето незадоволство – додаде Вајгло по средбата со претседателот на ДПА.
Тачи потврди дека албанските етнички партии се координираат и дека тие секогаш биле про-ЕУ и про-НАТО. Запрашан дали стравува од етнички јаз околу ова прашање, Тачи изјави дека не верува во тоа.
– Внимателно сите ќе работиме да објасниме дека членството во ЕУ и НАТО не ги дели граѓаните – изјави Тачи.
Освен поддршка за старт на преговори, Мендух Тачи побарал од своите европски соговорници асистенцијата во политичкиот дијалог во Македонија да продолжи.
– Добив уверување од комесарот и европратениците дека ќе продолжат да ни асистираат во тој дијалог, го имаме веќе Жан Моне, и тој ќе продолжи, но од време на време и комесарот Хан и Могерини и пратениците секогаш ќе бидат подготвени да ни помогнат – изјави претседателот на ДПА. Дијалогот за време на Пржино 1 и 2, иако беше многу тежок, сепак успеваше, вели Тачи.
Тој попладнево ќе има средба со претседателот на Европската народна партија, Жозеп Дол, каде ДПА бара зачленување, и изрази уверување дека процедурите за то ќе започнат.