Воено-политичките конфликти и прогоните во родните земји се главните причини поради кои луѓето во изминатите неколку години се решаваат да ги напуштат своите домови и да избегаат во други земји. Податоците на меѓународните организации покажуваат дека изминативе пет години бројот на бегалци во светот постојано расте и од година в година бележи нов рекорд. Според извештајот на Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР), во 2017 биле регистрирани вкупно 68.5 милиони бегалци, што е за три милиони повеќе отколку во 2016 година, соопшти Хелсиншки комитет за човекови права.
– Меѓународните организации денеска го одбележуваат светскиот ден на бегалците, на кој УНХЦР потсетува дека речиси 70 отсто од лицата кои бегаат преку граница потекнуваат од само пет земји: Сирија, Авганистан, Јужен Судан, Мијанмар и Сомалија. Повеќе од половина од овие мигранти се малолетни, а во голем дел од случаите станува збор за деца кои при бегањето се раздвоени од своите семејства и на неизвесното патување се оставени без родителска заштита. Податоците покажуваат дека многу голем дел од бегалците се прифатени и згрижени од држави кои имаат ниски или средни приходи по глава на жител, а не од побогати земји каде населението има високи приходи. Досега најмногу бегалци згрижиле Турција, по што следат Пакистан, Уганда, Либан, Иран и Германија. Според меѓународните организации, загрижувачките растечки бројки за бројот на бегалци и внатрешно раселени лица во светот се аларм за богатите држави да покажат поголема хуманитарна одговорност кон овие лица – велат од Хелсиншки.
Од таму додаваат дека во изминатите три години, бегалската криза предизвика бурни промени во целиот свет, вклучително и во балканските земји, тестирајќи ги актуелните влади и политичари во почитувањето на законските рамки и основните човекови права. Иако голем број бегалци беа прифатени во Европа, значително голем е и бројот на оние кои ги изгубија своите животи на европско тло. На патот кон Европа, тие често наидуваа на омраза, ксенофобија и одбивање од страна на државите и граѓаните, а во поретки ситуации на отворени раце и добредојде.
– Една од земјите која во изминатите 3 години се најде засегната како дел од таканаречената „Балканска рута“ е и Македонија. Со цел да го одбележи светскиот ден на бегалците, Хелсиншкиот комитет за човекови на Република Македонија денеска организира тркалезна маса со наслов „Новиот закон за азил – подобра или полоша законска рамка за бегалците?“, на која се дискутира за новиот Закон за меѓународна и привремена заштита. На тркалезната маса учествуваат експерти за човекови права и правни експерти, кои укажуваат на практичните импликации на новиот закон за азил, како и предизвиците што ги отвора ова законско решение – велат од Хелсиншки.
Настанот се организира во рамките на проектот Help on the Route, што има за цел да го крене интересот на јавноста за позицијата и да ја подобри заштитата на човековите права на мигрантите, вклучително и барателите на азил, кои минуваат низ Македонија и Србија. Проектот го имплементира „Фондацијата Ана и Владе Дивац“. Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија е партнер во овој проект заедно со Новосадски хуманитарен Центар и Здружение на самарјанските работници. Дел од акцијата се и пет македонски и 15 српски организации кои работат на полето на миграцијата и барателите на азил.