ДОМ ја поддржува ратификацијата на договорот за името

716

По долга и емотивна дискусија и анализа на текстот на Договорот со Грција, Централниот одбор на ДОМ одлучи да се поддржи неговата ратификација, зашто во овој миг и е потребна на Македонија, соопшти партијата.

„Со ратификацијата Македонија ќе ги започне конечно преговорите со ЕУ и ќе го откочи процесот за прием во НАТО. Тоа се наши стратешки цели, неопходни за зачувување на нашиот територијален интегритет и на нашите млади генерации.
Со овој договор престанува да важи претходниот договор од 1995, со кој бевме обврзани пред ОН да преговараме со Грција и да ја носиме понижувачката референца Поранешна југословенска република Македонија.
Со овој договор Македонија ја извојува главната битка, која се водеше зад сцена и беше вистинската причина што досега не можевме да најдеме заеднички прифатливо решение. Тоа е битката за македонскиот идентитет, како македонски народ, со македонски јазик, култура, традиција и историја. Ова беше битка без преседан во светската политичка историја и битка која ја доби македонскиот народ, со своето гордо и достоинствено опстојување, со љубов кон својот јазик и својата земја. Таа битка ја водат со години и Македонците во Република Македонија и граѓаните на Република Македонија што си ја сакаат својата држава, но и Македонците ширум светот, кадешто судбината ги расфрлила, стои во соопштението.

Од ДОМ додаваат дека Договорот е комплексен и комплициран, со многу деликатни моменти кои бараат дополнителни формулации и борби во текот на неговата имплементација. Ќе ни треба уште многу сила, мудрост и обединетост, за да влезе Македонија во мирни и безбедни води. Конечната иднина на земјата ќе ја одредат самите граѓани на референдум и тој глас ќе треба сите да го почитуваме.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...