Тунтев: Договорот го гарантира македонскиот јазик и националност ВИДЕО

186

Договорот за кој треба да се изјасниме е висок патриотски чин, носи иднина за државата и за сите граѓани. Овој договор го гарантира македонскиот идентитет, македонски народ, Македонец, Македонска, македонски, еднаш засекогаш, изјави денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев.

Од прес-конференцијата во Собранието, Тунтев ги повика пратениците од опозицијата да се вратат и да учествуваат во дискусијата за ратификација на договорот за името, посочувајќи дека по дополнителни консултации тие можеби ќе решат да се вратат.

– Ова се нови просперитетни времиња за Македонија и за нејзините граѓани. ВМРО-ДПМНЕ прво треба да расчисти со криминалот во сопствените редови и да земе учество во овој процес, кој ќе овозможи граѓаните сами да одлучат за македонската европска иднина. ВМРО-ДПМНЕ мора да сврти нова страница доколку сака да фати чекор со светлата иднина на нашата држава – рече Тунтев.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ истакна дека потпишувањето на договорот е само првиот чекор кон она што граѓаните го заслужуваат и 27 години го очекуваат, потоа следува референдум и самите да се изјаснат за иднината на сопствената држава и за иднината на своите деца.

Запрашан зошто се носи Пред-законот за ратификација на договорот за името со европско знаменце, Тунтев вели дека и досега имало ратификации со европско знаменце.

– Поевропски документ од овој договор за нашата држава немало и заради тоа ја прифативме одлуката на Владата на Република Македонија да стави европско знаменце на овој договор – рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...