Владата ги осуди говорот на омраза и насилството

248

Владата најостро го осудува насилството, говорот на омраза и повиците за насилство од вчерашните настани, кои имаат за цел да манипулираат и да ги вознемируваат граѓаните на земјата, соопшти Владата.

„Владата категорично, согласно овластувањата и законите, ќе ја штити безбедноста на граѓаните и институциите и нема да дозволи изолирани групи со насилство да го нарушуваат јавниот ред и мир за да шират атмосфера на страв и несигурност.

Повикуваме на разум и на конструктивна атмосфера за дебата и јавно информирање, сè со цел секој граѓанин на Македонија да има можност да донесе сопствен став пред одржување на референдумот којшто следува и слободно да одлучат за македонската просперитетна иднина. Без страв, заплашување и притисок. Ги повикуваме граѓаните да внимаваат и со воздржан однос да ги препознаваат лажните вести и дезинформациите кои се шират преку социјалните мрежи.

Сега е моментот сите политички субјекти кои постојано велат дека Македонија нема друга алтернатива за членството во НАТО и во ЕУ, да покажат елементарна политичка одговорност. Сега е време да се биде чесен кон граѓаните и да се покаже на дело поддршката за европската иднина на Македонија.

Секој кој ги повикува граѓаните на насилство има одговорност. Повикот на насилство нема само етичка и морална одговорност, туку и кривична, во согласност со кривичниот законик.

Предизвикувањето немири и несигурност е единствената цел на структурите што стојат зад овие немири, а тоа е во целосна спротивност на интересите на нашите граѓани. Омразата и насилството се штетен концепт и не се избор на граѓаните на Република Македонија. Граѓаните на нашата земја избраа иднина за сопствената безбедност, за економски развиена земја, eднаквa со другите во регионот и рамноправна членка во НАТО и ЕУ. Случувањата како оној на 27 април минатата година беа одлучно отфрлени од мнозинството граѓани.

Конечниот договор за решавање на македонско – грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство меѓу двете земји, за Владата на РМ е почетокот на реалната и целосна интеграција на Македонија, најпрво во НАТО, а потоа и во Европската Унија. Тоа е победничкиот концепт за сопствената иднина што го избраа граѓаните на нашата земја.

Тоа е интересот на огромното мнозинство од народот во нашата земја“, стои во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...