Премиерите на двете земји, Зоран Заев и Алексис Ципрас, несомнено заслужуваат признание за досегашните напори за надминување на спорот кој постои меѓу Македонија и Грција, иако сме свесни дека недовербата меѓу двете земји е сѐ уште на високо ниво, соопшти ГДУ.
– Можеби денеска на Балканот заврши „натпреварот со истории, фаланги, споменици и митологии. Можеби денеска почнува едно поинакво поглавје во развојот на Балканот.
Велиме можеби, затоа што дел од македонската јавност вчерашното потпишување на Договорот го смета за национална катастрофа. Затоа, премиерот и неговите соработници треба за момент да заборават на секаков триумфализам и објективно и во добра волја ги изложуваат практичните аспекти на Договорот одново и одново. Евентуалната реализација на Договорот се однесува на целата нација, а не само на партиската база – велат од ГДУ.
Од таму додаваат дека од претседателот на најголемата опозициска партија (кому искрено му посакуваме добро здравје и долг живот) очекуваме исто така агрументирана позиција , изразена со јасен политички речник. Според ГДУ, би било умесно, граѓаните кои имаат намера (на што имаат право) да учествуваат на евентуални протести, да обрнуваат внимание затоа што нивната искрена загриженост може да биде лесно злоупотребена ( спомнете си само на двајцата високи полициски функционери кои најдоа засолниште во Грција).
– Органите на редот и мирот ( двајцата функционери кои се во Грција ви беа колеги и претпоставени, а вам ви избегаа пред нос) треба да имаат на ум дека нивната професионална репутација во очите на јавноста е сеуште на ниско ниво, и на евентуалната примена на физичка сила јавноста нема да гледа благонаклоно, довербата допрва треба да ја заслужите. Граѓанско Демократската Унија, со сиот свој капацитет, без оглед колку тој капаците е скромен, ќе стори се што може да влијае врз оваа крајно неприфатлива состојба на недоверба, омраза и антагонизам во македонското општество. Таа состојба за жал е резултат на политичката исклучивост меѓу главните политички фактори во земјава, но последиците ги надминуваат партиските бази.
Конечно, предизвиците кои се пред нас се и онака комплексни и ГДУ кон истите ќе се однесува со должно внимание, истите да се решаваат, а не продлабочуваат – велат од ГДУ.