Наспроти сите драматични и манипулативни толкувања на протестите во Битола и пред македонскиот парламент, фактите за причините на интервенцијата на полицијата (демонстрантите фрлаа кон полицијата шок-бомби, пиротехнички средства и камења) и за исходот од настанот (седум повредени полицајци и тројца приведени цивили), јасно сведочат за што станува збор – за обид со насилство да се наметне политичка волја.
Не навлегувам во тоа дали навистина главни подбуцнувачи на протестите биле удбашки и разузнавачки структури, дали зад сценарото стои руски потпис и дали некој дозволил неговите чесни и патриотски чувства да бидат изманипулирани. Иако, се разбира, верувам дека од сето тоа има по нешто…
Работата сепак мора да ја сведеме на нејзината суштина, на базичната равенка – тој што сака со насилство да постигне политички или било какви други цели, мора да биде спремен да се соочи со легитимна употреба на сила од страна на органите задолжени да го сочуваат јавниот ред и мир. Или, како што вели една поговорка, кој за меч ќе се фати, од меч ќе загине.
Дали на протестите имало прекумерна употреба на полициска сила и бруталност? Некои сведочат дека имало. Не знам дали е така, настаните ги следев од безбедната дистанца и истовремената манипулација со вистината што ја нудат дел од медиумите. Но, склон сум да поверувам дека полицајците покажале доза на непотребна агресија. Не го оправдувам тоа, но сакам само да потсетам дека веројатно станува збор за истите полицајци кои нас нè клоцаа по нозете додека протестиравме пред нивните штитови. Верувам дека истите полицајци сега биле дополнително импресионирани, обидувајќи се да обезбедат историски важен настан во Преспа и никогаш веќе да не дозволат во македонскиот парламент да се случи 27 април 2017 година.
Најважно од сè е дека сепак нема сериозно повредени цивили и дека на насилствата е одговорено енергично. Сега е време сите политички сили, а особено опозицијата, да упатат недвосмислени апели насилствата да стивнат – бидејќи насилниците мора да бидат притворани и судени! – и сите спокојно да се подготвуваме за референдумот, на кој народот ќе го каже своето.