Социјалните мрежи вријат со коментари за вчерашните случувања, потпишувањето на договорот за конечно решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција, како и за протестите кои се случија во Скопје.
Во низата позитивни и негативни реакции, на Интернет се протнуваат и низа лажни вести кои се однесуваат на полициската бруталност.
Се споделуваат и фотографии дека имало претепани граѓани меѓу кои, помалку упатените не препознале дека на едната е хрватската пејачка Северина. Од нејзиниот спот за песната „Muškarcu samo treba kurva” направен е „принт скрин“ и фотографијата како таа е целата со модринки се шири на социјалните мрежи со коментари дека жена била претепана од страна на полицијата.
Тоа не е единствената лажна вест. Се споделува и фотографија објавена пред три години во српските медиуми на која се наоѓа српската пензионерка Милева Стојмировиќ. Таа била претепана од хулигани пред три години во Србија, а денеска се претставува како да е жена претепана на вчерашните протести.
Официјалните информации говорат дека на протестите лекарска помош побарале седум лица. Според нашите информации, сите биле полесно повредени и биле пуштени на домашно лекување. Биле повредени и 10 полицајци, а приведени се 26 лица.
– Во текот на вчерашниот јавен собир во Скопје, пред зградата на Собранието, дел од демонстрантите, од кои голем број маскирани, насилно ја турнаа заштитната ограда и почнаа со фрлање на камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието. Со цел спречување на понатамошно нарушување на јавниот ред и мир и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, полицијата спроведе соодветни мерки и активности – велат од МВР.