Нашето останува вечно наше!

Мое убедување е дека името ние не го даваме, но дел од него доста скапо го продаваме, за да ја купиме, на овој пазар на светската политичка и економска ступидност, својата опстојба, својот мир, своето спокојство и иднината на татковината на нашето потомство.

1155

Фалинки има во договорот со Грците. Да не изигруваме недугавост. Некои се апла видливи, други во времињата што доаѓаат ќе испливуваат како санти мраз, кои бавно ќе се топат. Сето тоа ќе биде дел од нашите национални судбини. Од историјата на нашето утре.

Суштинското, срцевината на овој историски настан, во сето ова бранување, кое не се движи праволиниски, туку оди од едни крајности, во други екстремности, за помалку упатениот, е неспорна енигма.

Порочност на педа балкански простор

Во сета магливост, тешко се распознава, а уште помалку се согледува вистинската форма и големина на потегот на двете преговарачки страни, кои, како што станува сè повидливо, мораа да лаврираат меѓу сцилите и харибдите на екстремниот балкански национализам. За волја на вистината, тој не е пројава од вчера, туку од дамнина препознатлива црта во менталноста, која во некои средини, е со посебна педантност хранета и негувана, што условува да не биде можно така лесно и мигновно искоренета.

Таа порочност на оваа педа балкански простор, оди од едни во други крајности. Но, подеднакво во себе ја има акумулирано енергијата на омразата, на искулчивоста. Поривот за доминација на едните над дргите. За историските митови. Болните амбициии за некаква епохалност на нивниот придонес во светското цивилизациско миље, осмислен како негација, со тенденција да се дискредитираат до елиминација вредносните атрибти од духовната ризница на другиот.

Тој знак е видлив и препозатлив и сега, кога се прелистуваат оние дваесетина страници од договорот за надминување на фазата на конфликтност меѓу Македонија и нејзиниот јужен сосед.

Како одминуваше времето, така се раздувуваа маглите на овој ирационален, до апсурдни димензии безпримерен настан во поновата политичка историја. Проблемот со името, од официјална Атина, безмалку три децении се проектираше како крунска пречка за затоплување на македонско-грчките односи, давајќи му во одредени интервали изнасилени драматични димензии, со реторика, која не може да се врами како коректна и принципиелна и да се вклопи во востановените критериуми на современата цивилизациска комуникација.

Условености и болни засеци

На оние што одблизу, или поангажирано, ги следеа потезите влечени на политичката табла, посебно кога почнаа да протечуваат ,,пикантериите” од преговарачките тимови за проблемот на Грција со нашето уставно име, не им беше тешко да почнат да ги разоткриваат и да ги распознаваат до финеси сите бои од заднинскиот спектар од барањата и условувањата на Атина, затскриени зад името, туркано како врв на таа санта мраз. Поставување духовни рамки, територијални огради, историски ѕидови, научни лимити, јазични бариери. Вовлекување на прстите во автентичната мозаичност на нашата, по многу нешта, самородна и препознатлива национална култура, од која, откако ќе се исфрлат илузионизмите и митските елементи, изнасилено вградувани во неа од некои забегани научни умови, ќе остане нејзината исконка чистота, со строго национален белег и како нераскинлив дел од светскиот цивилизациски небесвод.
Договорите, по својата природа, за да финишираат како такви, неопходен е компромисот – да дадеш дел од она што го имаш, за да земеш дел од тоа што го немаш. Се разбира, со многу неизбежни странични условености. Често и со болни засеци, со кои се избегнуваат последиците на ризичното и трагично можното. А ние, што не е никакво откритие, одамна одиме по сртовите на бездната и на катаклизмичностите. Непризнати, оспорувани, негирани, присвојувани, уценувани. И што е посебно трагично, притиснати и од долготрајната внатрешна политичка конфузија, етноцентричните еуфории и социјалниот разгром. А како круна на оваа македонска какафонија, е присутноста на една одродничка блудничка групација, со болни криминогени настраности, кои, зад превезот на божемен силен патриотски набој, ни исцртуваат апокалиптични сценарија. Ги замрачуваат видиците на нашето утре.

Кој како сака нека ги толкува последниве зборови, но мое убедување е дека името ние не го даваме, но дел од него доста скапо го продаваме, за да ја купиме, на овој пазар на светската политичка и економска ступидност, својата опстојба, својот мир, своето спокојство и иднината на татковината на нашето потомство.

Времињата што доаѓаат ќе покажат дека нашето, народносното, цивилизациското, од богатата ризница на автентичнта духовност, останува неотуѓиво, вечно наше.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...