Македонската полиција со солзавец растера насилни демонстранти пред Собранието кои протестираа незадоволни од Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство потпишан денеска во Псарадес.
Демонстрантите фрлаа кон полицијата шок-бомби, пиротехнички средства и камења. Полицијата возврати откако дел од нив ја турнаа заштитната ограда и се обидоа да влезат во Парламентот.
Протестот беше организиран преку социјални мрежи.
Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псардес ги ставија своите потписи на Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден.