„Катимерини“: Да тргнеме напред, најпосле

Според весникот, постигнувањето привремен договор беше успех за двајцата премиери и тие треба да добијат пофалби за тоа.

373

Договорот за решавање на спорот околу името на Македонија не е дипломатска победа за Грција, како што грчкиот премиер Алексис Ципрас се обиде да го прикаже во своето обраќање кон нацијата на 12 јуни. Ниту, пак, тоа е дипломатска победа за Северна Македонија, како што колегата на Ципрас, Зоран Заев се обиде да го продаде.

Ова го пишува „Катимерини“ во коментар во врска со договорт за името, нагласувајќи дека спротивно на оние кои веруваат дека „целата дипломатија е продолжување на војната со други средства“, во меѓународните договори нема победи и порази. Она што постои е неопходен компромис за да може земјата да престане да живее во минатото и да се движи кон иднината, со многу предизвици и уште повеќе проблеми.

„ Триумфалниот тон на двајцата премиери е разбирлив. Покрај очигледните политички придобивки што очекуваат да ги добијат, тие им се обраќаат на значителен дел од нивните популации кои пораснаа со симболи како што се копја и шлемови на македонските фаланги, со црно-бела перцепција на историја предавана на училиште. Овие луѓе ја доживуваат дипломатијата во согласност со воените кампањи раскажани во учебниците во кои (вистинскиот или имагинарен) непријател се согласи безусловно да се предаде – и покрај фактот што безусловното предавање беше прилично редок феномен“, коментира весникот.

Поедноставената историја која сите ја учевме, венчана со неопходни митови за да го заокружиме раскажувањето, е плодно тло на кое цвета националистичкиот популизам. Не е лесно да се искоренат националните митови со кои пораснавме, и поради оваа причина треба да имаме мали очекувања за референдумот во Северна Македонија. Треба да имаме предвид дека најмалку една генерација порасна со смешни теории промовирани од администрацијата на Груевски – т.е. дека Славомакедонците кои пристигнале во областа во 6 век п.н.е. биле директни потомци на Александар Велики, пишува „Катимерини“ додавајќи дека „овие луѓе веруваат дека откажувањето од историското наследство во полза на Грците ќе биде чин на капитулација и тие се подготвени да постават бесилки на нивните плоштади“.

Според весникот, постигнувањето привремен договор беше успех за двајцата премиери и тие треба да добијат пофалби за тоа. Сите преостанати прашања, празнини и сиви области во однос на конечниот договор, се нормални, и животот неизбежно ќе донесе уште повеќе. Прашањето е дали двата народи можат да ја видат големата слика зад пречките што вештачки ги преувеличија националисти кариеристи.

„Мудрите набљудувачи на двете страни треба да престанат да потресуваат. Да не фантазираме за победи, порази, триумфи и катастрофи. Договорот е само чекор напред кој долго се чекаше. Има уште многу што треба да се направи и тоа е она на кое мораме да се фокусираме за доброто на народот – она за што наводно се залагааат националистите од двете страни, пред сѐ“, заклучува „Катимерини“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...