Заев и Ципрас навистина заслужуваат Нобелова награда за мир!

Заев и Ципрас покажаа што значи да се биде голем државник и политичар, авторитет и лидер со европски капацитет. Тие покажаа смелост и решителност што никој од досегашните политичари на Балканот, не успеал да ја достигне без странско модерирање.

3162

Овој предлог требаше да го запише и образложи еден неутрален интелектуалец, каков што е Едвард Џозеф, и тоа во афирмираното американско списание „Форин полици“, за идејата која тлее уште од декември 2017-та, меѓу бројни македонски и грчки интелектуалци, постепено да почне да се преточува во реален апел кон Комитетот за додела на Нобеловата награда за мир.

Нобеловата награда е награда со меѓународна димензија која за прв пат била доделена во 1901 година. Нобеловата награда се доделува секоја година на личности „ои придонеле за доброчинителството и бенефитот на човештвото преку нивните пронајдоци и откритија придонеле во подобрувањето во разни домени на науката, создале најимпресивни дела од доменот на литературата или со нивните дејствувања придонеле за јакнење на мирот и благосостојбата меѓу народите.

Тестаментот на Алфред Нобел

Пред да почине, Швеѓанецот Алфред Нобел оставил наследство од 32 милиони круни, заработени благодарение на пронајдокот на динамитот, кој освен позитивните ефекти, за време на војните унесреќил милиони луѓе. Во последен тестамент од 27 ноември 1895 година, кој бил редактиран во шведско-норвешкиот круг со седиште во Париз (242 ул. Риволи), каде сѐ уште се наоѓа неговото биро, Алфред Нобел побарал создавање на институција која ќе ги наградува личностите кои ќе се издвојат со својот особен придонес кон каузата на човештвото. За таа цел предложил пет различни дисциплини: мир и дипломатија, литература, хемија, физиологија, медицина и физика. Тестаментот прецизирал дека националната припадност не треба да игра никаква улога при доделување на наградата. Фондацијата била создадена на 29- јуни 1900 година. Токму оваа Фондација била задолжена да ги имплементира последните желби на Нобел. Таа го контролира почитувањето на правилата при утврдувањето на лауреатите и го верификува легалното одвивање на изборот. Воедно, Фондацијата е задолжена преку мислењето на секој комитет од споменатите домени, а врз основа на предлозите на еминентни личности , да утврди листа на номинираните кандидати и да ја додели наградата.

Првата церемонија за доделување на Нобеловата награда е реализирана пет години по смртта на Алферд Нобел и тоа во зградата на старата кралска музичка академија во Стокхолм, на 10 декември 1901 година. Од 1902 година. наградата била врачувана од страна на кралот на Шведска на 10 декември секоја година. До 1905-та, Нобеловата награда ја доделувал и кралот на Норвешка, со оглед дека и двајцата суверени потекнувале од иста круна. По осамостојувањето на двете држави, наградата ја врачува само шведската круна. Висината на наградата изнесува околу 880.000 евра, со цел лауреатот да продолжи во своите хумани и истражувачки активности.

Правила за доделување на наградата

Доделувањето на Нобеловата награда за мир се ориентира согласно со цврсто утврдени правила и критериуми. Во секоја дисциплина, номинациите произлегуваат од академиите или институтите на Шведска (вклучувајќи го и норвешкиот комитет за Нобелова награда), како и од значајни афирмирани личности од Европа и светот. Предлозите се испраќаат точно до 31 јануари секоја година, до специјалниот комитет составен од пет академици со мандат од три години. Пред почетокот на летото, овој комитет ја утврдува финалната листа од пет имиња или група на имиња. Лауреатот се избира по заклучувањето на дебатата кон почетокот на месец октомври. Останатите четворица кои не се добитници на наградата, автоматски се впишуваат како кандидати за следната календарска година. Идентитетот на добитниците се открива, по редослед, според петте домени во првата недела на октомври на конференција за печат.

Од 1974 година одлучено е дека наградата не смее да биде врачена во постхумен наслов, со оглед дека таа пракса била претходно почитувана. Имено, во 1961 година, Нобеловата награда за мир била врачена на трагично загинатиот генерален секретар на Обединетите нации Даг Хамаршалд. Во 1931 година, Ерик Аксел Карфелд, поранешниот постојан секретар на Шведската академија, ја добил постхумно наградата, иако починал шест месеци пред доделувањето. Во 2011 година, Канаѓанецот Ралф Стеинман, добитникот на Нобеловата награда за медицина, починал на три дена пред неговата номинација.

Доделувањето на наградата не прави никакво ограничување според возраста, полот, расата, верската или политичката односно сексуалната определеност. Една награда може да им биде доделена на најмногу три ко-лауреати.

Заев и Ципрас – најсериозни кандидати за Нобелова награда за мир и дипломатија

Потпишувањето на Договорот за решавање на грчко-македонскиот спор за името и за стратегиското партнерство помеѓу двете земји е најпозитивниот преседан што се случил меѓу две соседни држави на Балканот. Заслугата за овој чин е на премиерите Зоран Заев и на Алкесис Ципрас. Нивниот заеднички апел е „стоп на национализмот и популизмот – градиме добросоедски односи со почитување на европските и евроатланските вредности“.

Притоа, овие лидери покажаа и взаемно разбирање за чувствата на спротивниот народ, за наталожените фрустрации и за идентитетските предизвици. Двајцата премиери манифестираа извонредна синергија и динамика во имплементацијата на европскиот дух и за само неколку месеци направија нешто што долго ги оптоваруваше двата соседа речиси четвртина век. Многу од денешните генерации не се сѐ уште свесни за значењето на овој чин. Поранешни или сегашни политичари и ителектуалци не го сфаќаат духот на времето и од завист, љубомора или поради непознавање на геополитиката и на дипломатијата, се спротивставија на овој храбар чин.

Како да не им е јасно, иако и самите кога биле актуелни функционери, дека „нерешавањето на спорот со името поседува и една сериозна безбедносна димензија, која ризикуваше со тек на времето да ја дестабилизира Македонија и регионот“. Зачудува фактот дека меѓу противниците се појавуваат и некои академици и сениори на СДСМ.

Патот до финалното решение на Заев и Ципрас и беше исполнет со бројни пречки и расипани политички игри. Тие мораа да се соочуваат и сѐ уште ќе се соочуваат со конзервативниот дел на нивните граѓани, со екстремниот национализам на мегаломакедонските и мегалогрчките националисти, со нивните антички и историски соништа, со политичари и политиканти кои живеат во минатото, со опозицијата за која најзначаен е изборниот успех а не rasion d’ Etat.

Заев и Ципрас покажаа што значи да се биде голем државник и политичар, авторитет и лидер со европски капацитет. Тие покажаа смелост и решителност што никој од досегашните политичари на Балканот, не успеал да ја достигне без странско модерирање. Тие самите се договорија со еден џетлеменски договор во Давос, а потоа и во Софија. Точно е дека Заев не е поголем од еден Александар Велики или Цар Самоил, но е поголем од сите оние македонски политичари што немаа храброст да го решат овој случај. Заев успеа да се задржи именката Македонија во сложеното име, се избоксува за македонскиот јазик, како главна идентитеска оска како и за националноста со заграда заради останатите етнички заедници во Македонија.

Портфолиото на Заев

Во портфолиото на Заев, за кандидатурата за Нобелова награда за мир и дипломатија, може да се наброи и неговата одважност што по мирен пат го сруши авторираниот и националистички режим на Груевски, го демаскира прислушувањето – опиумот на криминалот, го ризикуваше животот и храбро ги издржа физичките напади на 27 април. Заев ја демократизира државата, го ослободи пишаниот збор и контролата врз медиумите, се зафати со тешките реформи во правосудството.

Прв пат во историјата албанската етничка заедница гласаше за пратеничката листа на македонската СДСМ, што влијаеше врз подобрување на меѓуетничките односи и доверба меѓу граѓаните. Демократизација на внатрешен план резултираше со демократизацијата и на дипломатијата. Благодарение на неговата позитивна енергија и и иницијатива замина во Софија и заедно со Борисов го потпишаа Договорот за добрососедство со Бугарија. На тој начин, не само што беше надминат уште еден непотребен табу од минатото, туку РМ доби уште еден силен сојузник во ЕУ и НАТО.

Овие големи успеси можеше да ги достигне само еден атипичен скромен момак од Муртино, кого градските фаци од Скопје го потценија. Меѓутоа, јужњакот им одржа лекција на сите од тоа што значи да си државник, да си Европеец, да си скромен и секогаш весел и насмеан. Со овие потези Заев ја приближи Македонија до НАТО и ЕУ.

Затоа, Заев заедно со Ципрас ја заслужуваат престижната Нобелова награда за мир. Некои сметаат дека сериозна конкуренција ќе имаат во Трамп и Ким. Меѓутоа, Комитетот и Фондацијата Нобел тешко или барем досега никогаш не доделиле Нобелова нагарада за мир на диктатор или на американски претседател кој во овој миг индирекно се товари за смртта на преку 200 Палестинци во појасот на Газа. Затоа, целосна поддршка и за Заев и за Ципрас за доделување на Нобеловата награда за мир во 2019 година.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...