Ќе се слушнат спротивставените аргументи и на нотарите и на адвокатите околу Законот за нотаријат со цел да се изнајде решение кое ќе биде во интерес на граѓаните и на заштитата на правната сигурност, изјави министерката за правда Рената Дескоска по одбележувањето на 20-годишнината на Нотаријатот во Македонија.
– Пред моето доаѓање, во Министерството за правда постоела работна група околу измени на законите. Изработен е Нацрт-текст којшто треба да биде разгледан и да се направат консултации. Свесна сум дека станува збор за област која е сензитивна и во која спротивставени интереси имаат различни групи кои работат во сферата на правото, но првенствена цел на Министерството за правда ќе бидат интересите на граѓаните и она што значи интерес на заштита на правната сигурност- изјави Дескоска
Предлог-текстот, како што рече, ќе биде предмет на разгледување и ќе се дебатира и со Нотарската и со Адвокатската комора.
– Сакам да ги слушнам аргументите и на едните и на другите, но и компаративните решенија, така што ниту едно решение априори нема предност во овој момент – нагласи Дескоска.
Од Нотарската комора на Македонија велат дека нотарите се доволно едуцирани за да склучуваат договори и оти не треба да им се одзема оваа надлежност имајќи предвид дека има само 0,02 проценти тужби за поништување на нотарските акти.
– Нотарите сакаат да остане нотарскиот акт како форма која е главно обележје на секој нотаријат што е член на Латинскиот нотаријат. Адвокатите никогаш не биле исклучени од постапките кај нотарите. Присуството на адвокат никогаш не било забрането и не било проблем. Секоја странка може да има адвокат и тоа и порано не беше забрането. Затоа мислам дека нотарскиот акт треба да се врати во својот полн капацитет – изјави Олга Димовска, потпретседателка на Нотарската комора на Македонија.
Во следниот период се најавува зголемена улога на нотарите во борбата против перењето пари и корупцијата, а се очекува и забрзување на процесот на дигитализација на услугите што им се нудат на граѓаните