Едвард Џозеф: Заев и Ципрас заслужуваат Нобелова награда за мир

За разлика од речиси сите негови претходници, Ципрас разбра каква е предноста да се ослободи Грција од непотребен товар во односите со ЕУ и НАТО, како и со својот сосед. Второ, Ципрас виде прилика во доаѓањето на власт на неговиот колега реформист во Скопје, Заев. вели Џозеф.

743

Во текст објавен во американскиот „Форин Полиси“, професорот Едвард Џозеф предлага премиерите на Македонија и Грција да се номинираат за Нобелова награда за мир поради договорот за името.

Џозеф смета дека договорот „создава модел за справување со идентитетските судири кои водат до конфликт, не само на Балканот, туку глобално“, како и дека носи зголемена доверба во Европската Унија и „целосниот западен проект“ на Балканот.

Професорот потсетува и на бурната историја на Македонија со соседите, кои иако декларативно ја признаваат, сепак на еден или друг начин, го негираат нејзиниот идентитет – јазикот од Бугарија, црквата од Србија и целокупниот идентитет од страна на Грција. Текстот потсетува и на тензиите со албанската етничка заедница во 2001 кои доведоа до промени во Уставот.

Џозеф им објаснува на своите читатели како Грција повеќе од десет години ја блокирала Македонија во НАТО и ЕУ, зголемувајќи ги тензиите во земјата.

Затоа, вели професорот, визијата на Алексис Ципрас е „извонредна“.

– За разлика од речиси сите негови претходници, Ципрас разбра каква е предноста да се ослободи Грција од непотребен товар во односите со ЕУ и НАТО, како и со својот сосед. Второ, Ципрас виде прилика во доаѓањето на власт на неговиот колега реформист во Скопје, Заев – вели Џозеф.

Според него, договорот е удар за Москва и за, како што вели, анти естаблишмент популистите во Европа.

Џозеф истакнува дека со влезот на Македонија во НАТО, границите на земјата се обезбедуваат, комплицирајќи ги аспирациите на оние кои имаат претензии кон Косово. Професорот верува дека договорот ќе има влијание и врз НАТО аспирациите на Босна, и би го ослабил руското влијание во Србија.

– За антагонистите низ светот заглавени во идентитетски спорови, договорот помеѓу Македонија и Грција, доколку ги преживее политичките предизвици, претставува модел – оценува професорот Џозеф.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...