Во следниот период ќе биде забележан сериозен раст на градежништвото, како резултат на силните инфраструктурни зафати што се одвиваат во земјата, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во денешното интервју во „Само вистина“ на Канал 5.
Сугарески зборуваше за изградбата и проблемите во проектот за автопатот Кичево-Охрид.
– Тој проект е лош во светски размери. На пример, воопшто нема клучки во проектот. Значи не се поврзани населените места со автопатот и ние тоа треба да го исправиме – рече Сугарески.
Министерот рече дека покрај изградбата на автопатите и регионалните патишта, Министерството сака да им помогне и на општините за изградбата на локалните.
– Поднесовме иницијатива до Владата да отвориме кредитна линија преку која ќе им помогнеме на општините во изградбата на локалните патишта – рече тој.
Сугарески зборуваше и за гасификацијата и рече дека таа останува приоритет.
– Гасификацијата останува приоритет, а прашањата за заштита на животната средина ќе ги надминеме заедно со граѓанските организации – рече тој.
За нискобуџетните летови рече дека ќе биде распишан нов тендер со истекот на договорот на Визер.
– Ние како Влада се стремиме да ги насочиме нискобуџетните летови кон Охридскиот аеродром. Тоа е така секаде во светот – рече тој.
Министерот зборуваше и за изградбата и решавањето на проблемите со железницата и за повеќе други теми.
Погледнете го интервјуто.