Грчките пратеници расправаа до два по полноќ за договорот со Македонија

Во однос на содржината на договорот, во фокусот на пратениците од опозициските партии се најдоа деловите посветени на македонскиот јазик и македонското државјанство, а многумина ги коментираа дека тие се „основа на иредентизмот“.

940
ФОТО: EPA/SIMELA PANTZARTZI

Пред два часот по полноќ заврши првиот дел од расправата во грчкиот Парламент по доставениот предлог од Нова демократија за гласање недоверба на Владата. Како што јави дописничката на МИА од Атина, пратеници од сите партии вчера го изразија нивниот став околу договорот постигнат меѓу премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев.

Расправата се движеше во очекуваните рамки, од опозицијата ја обвинија Владата дека прави отстапки со „лошиот договор“, додека пак пратениците и министрите од СИРИЗА со аргументи се обидуваа да ги убедат нивните колеги дека постигнатиот договор со Македонија е национално корисен за земјата.

Пратениците од Нова демократија, ПАСОК, Златна зора, Комунистичката партија и Сојуз на централисти, јасно рекоа дека договорот има проблематични делови со кои не се согласуваат, а со тоа и ќе гласаат позитивно за недоверба на Владата.

Во однос на содржината на договорот, во фокусот на пратениците од опозициските партии се најдоа деловите посветени на македонскиот јазик и македонското државјанство, а многумина ги коментираа дека тие се „основа на иредентизмот“.

– По лошото раководење на економијата, сега прават отстапки и во националните прашања, а договорот ја прелеа чашата – беше најчестиот коментар од пратениците на опозицијата.

Од владејачката СИРИЗА пак, пратениците го поддржаа ставот дека решението е неопходно и оти договорот е многу подобар од што и да било што се преговарало во минатото.

Од расправата не изостанаа ниту коментарите од опозицијата дека грчката Влада нема еден и единствен став, со оглед на тоа што коалициониот партнер Независни Грци, чиј лидер воедно е и министер за одбрана, нема да го поддржи договорот со Македонија, но нема да гласа позитивно за предлогот на Нова демократија за недоверба на Владата.

Седницата што вчера траеше речиси осум часа, продолжува денеска во 9.30 часот, а се очекува да кулминира утре со обраќањата на лидерите на политичките партии и на грчкиот премиер, по што ќе следи и гласањето за недоверба, јави дописничката на МИА од Атина.

Судејќи според говорите на пратениците од Нова демократија, гласањето недоверба ќе има карактер на прифаќање или отфрлање од грчкиот Парламент на постигнатиот договор со Македонија.

Додека се одвиваше седницата, пред грчкиот Парламент беа организирани протести за „одбрана на името Македонија“.

ФОТО: EPA/SIMELA PANTZARTZI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...