Потребно е зголемување на буџетот на Управата за безбедност и контраразузнавње заради ефикасно извршување на нејзината работа, е една од заедничките констатации за време на посетата на претседателот и членовите на собраниската Комисија за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање, која се реализира од 12 јуни до денеска во седиштето на Управата.
За време на посетата беше презентирана поставеноста на УБК, организациската структура, надлежноста и безбедносните приоритети и беше даден детален приказ на финансиските трошоци кои во периодот од јануари 2018 до сега Управата ги има реализирано во рамки на годишно утврдениот буџет за оваа година.
Надзорната посета беше означена со интерактивни дискусии кои произлегоа од прашања формулирани од страна на претседателот и членовите на Комисијата од областа на реформските процеси, соработката на Управата со други безбедносни органи и институции на национално и меѓународно ниво и актуелните ризици и закани по безбедноста на државата.
Во текот на вториот ден од надзорната посета, присутните беа запознаени со раководната структура на УБК до нивото на помошници директори, им беа презентирани надлежностите и кадровската екипираност на секоја организациска единица поединечно, како и методите и формите на оперативното работење на Управата согласно актуелните безбедносни предизвици.
Третиот ден од надзорната посета го опфати сегментот на надлежноста на Одделот за оперативна техника, актуелните технички капацитети за следење на комуникациите, воспоставените внатрешни процедури за постапување по судска наредба за спроведување на посебната истражна мерка следење на комуникациите за потреби за кривични истраги и за потреби за безбедноста и одбраната, како и мерките и активностите кои Управата ги превзема во насока на зајакнување на внатрешната контрола врз системот за следење на комуникациите.
Претседателот и членовите на Комисијата остварија посета и во просториите на Одделот за оперативна техника. Заеднички беше заклучокот дека до влегување во сила на новиот Закон за следење на комуникацииите, потребно е правно регулирање на делот кој се однесува на надзор во наредбите за примена на посебните истражни мерки, со цел Комисијата да може да остварува ефикасен надзор.
Претседателот и членовите на Комисијата, како и претставниците на Управата, ја поздравија ваквата надзорна посета и се согласија дека од заеднички интерес е овие посети во иднина да бидат со поголема динамика со цел зголемувањето на взаемната доверба, со што Комисијата како коректив во делот на законското спроведување и примената на овластувањата и должностите на Управата ќе може ефикасно да ја остварува својата функција.