Руската амбасада во Република Македонија, реагираше на медиумски написи, за кои, како што велат, се ширеле тенденциозни толкувања и лажни вести за ставовите на Русија по прашањето на името на државата.
Исто така, од амбасадата ја пренесуваат и изјавата на рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров.
– Русија отсекогаш се залагаше за решение без надворешно мешање, без условувања и без поставување крајни рокови. Ќе поддржиме само она решение кое ќе има најширока поддршка од граѓаните – вели Лавров во изјавата.
„Русија како постојана членка на Советот за безбедност на ОН внимателно ги следи настаните околу прашањето за името. Решението треба да биде достоинствено и определено од страна на самите граѓани на Република Македонија, а не наметнато од надвор“, пишува на Твитер профилот на Руската амбасада.
Имено, веста која ја објави Плусинфо вчера со наслов „И Русија го поздрави договорот меѓу Македонија и Грција“ е во целост преземена од државната агенција МИА, која ја пренесе веста со наслов „Лавров го поздрави договорот меѓу Македонија и Грција“.