Историски договор или договор за капитулација

На референдумот членовите и симпатизерите на Вашата партија ДПМНЕ ќе гласат против договорот за името со Грација и промена на Уставот за што Вие ќе се потрудите да биде така, но другата поголема половина преку 60% од народот на Македонија ќе гласа ЗА прифаќање на договорот и промена на Уставот, со што референдумот сигурно ќе успее.

3099

Откако се обелодени договорот за решението за името, што го изложи премиерот Заев, дека е договорено име Република Северна Македонија со англиски превод и на други јазици, дека се задржува националност македонска/граѓанин на Република Северна Македонија, македонски јазик и употреба на придавката „македонска“ – сите разумни луѓе во Македонија разбраа дека промената на името не задира во националниот и културниот идентитет. Само тоа не му е јасно на лидерот на ДПМНЕ Мицкоски („македонскиот Мицотакис“) кој одма се јави со своја изјава за договорот со Грција.

Имено, лидерот на ДПМНЕ Мицкоски ќе изјави дека постигнатиот договор бил лажна победа и договор за капитулација. Понатаму тој тврди дека правото на јазик и националност е нешто што ние го имаме загарантирано и пред овој договор. Граѓаните договорот го чувствувале како пораз, потиштеност и горчина. Преговорите се воделе во тајност и опозицијата не била вклучена во разговорите, поради што таканаречениот договор е прифаќање на сите грчки позиции. Ако договорот е прифаќање на промена на уставот и промена на името за внатрешна и надворешна употреба тоа е договор за капитулација.

Да се осврнеме на кажаното од Мицкоски. Тој добро знае дека половината од грчкиот народ не се согласува во името да постои зборот „Македонија“ и дека грчката страна постојано се повикуваше на иредентизам а исто прашањето за идентитетот беше предмет на преговорите. Заев јасно стави до знаење дека за идентитетот не се преговара и успеа тоа прашање да го реши во наша корист. А кој на нас ни го гарантирал правото на јазик и националност? Грците на почетокот на преговорите јасно ставија до знаење дека за сѐ се преговара, вклучувајќи го и идентитетот. Дури на крајот на преговорите го прифатија нашиот став промената на името да не задира во националниот и културниот идентитет, што треба да се смета за наш успех во преговорите.

Според Мицкоски, граѓаните договорот го чувствувале како пораз, потиштеност и горчина. Мицкоски, кој народ, кои граѓани договорот го чувствуваат како пораз и горчина? Вие мислите на членовите и симпатизерите на Вашата партија ДПМНЕ? Но тоа не е народот на Македонија, тоа се ваши партиски послушници и не се скривајте зад народот. Сфатете, ако можете, дека Вашата партија ДПМНЕ го подели народот на „ваш народ“ и „туѓ народ“, но знајте дека „вашиот народ“ е околу 40% од македонскиот народ а останатите 60% е „наш народ“ и на тој не можете да се повикувате. Знаете кој се крие зад народот? Па ќе Ви кажам, оние некадарните лидери како Вас и Вашиот ментор, кои немаат храброст и не се способни самостојно да истапуваат со свои мислење пред македонската јавност.

Замерувате дека опозицијата не била вклучена во преговорите за името поради што бил направен договор за капитулација. Кажете еден аргумент зошто легално избрана Влада одговорна да ја води државата би ја вклучила опозицијата во преговорите, прво затоа што тоа не е редот на работите а второ, кој разумен човек би прифатил да вклучи една крајно деструктивна опозиција каква што е Вашата партија ДПМНЕ во преговори кои однапред ќе бидат осудени за неуспешни. Вие мора да не сте сериозни со вакви непристојни барања или манипулирате со „вашиот народ“ – демек ако ние учествуваме во преговорите ќе имаше поповолен договор. Да ве потсетам, Вие бевте 11 години на власт, ако сте толку мудри зошто не го решивте прашањето со името?! Вие сто години да бевте на власт името немаше да го решите, едноставно со глупиот слоган „не го даваме името“ вашата партија ДПМНЕ ги добиваше изборите со манипулација на избирачите од „вашиот народ“!

Вие, Мицкоски, изјавивте дека се прифатени сите грчки барања посебно за употреба на името ерга омнес, за севкупна употреба, и нема да поддржите промена на Уставот поради промена на името. А знаете ли зошто тоа така се случи, или поточно речено зошто Грците беа толку упорни за употреба на договореното име за надворешна и внатрешна употреба што повлекува и промена на Уставот? Ќе Ве потсетам, да не беше таа глупава антиквизација што ДПМНЕ и Никола Груевски упорно ја спроведуваа, во преговорите полесно ќе поминевме без промена на Уставот – Грците иритирани од Вашата смешна антиквизација, барањето за употреба на името ерга омнес го бетонираа како услов без кој немаше да има договор! Дали тоа Ви е јасно г-дине Мицкоски? Да бидам јасен, антиквизацијата на Никола Груевски е причината за промена на Уставот што сега не го прифаќате како решение во преговорите.

Вие како универзитетски професор сигурно знаете дека од времето на Александар Македонски, 4-тиот век пред новата вера до доаѓањето на Словените на Балканот од 550 до 650 година по н.е. поминале скоро десет века, дека Словените биле многубројна маса кој ги асимилирала затечените племиња и така настанале словенски народи на целиот Балкан без Грција каде Словените се населиле во мал обем. Го слушав оној археолог со двата саата, Паско Кузман, кој го советуваше Груевски со зборовите: „Премиере, ако докажеме дека сме антички Македонци, Грците на газ ќе паднат и ние ќе го решиме прашањето за името. Грците не „паднаа на газ“, но нам ни поставија неотповиклив услов за промена на Уставот што беше производ на Вашата антиквизација дека ние сме биле антички Македонци! Значи Вашата партија ДПМНЕ и Вашиот ментор Никола Груевски се директни причинители за промена на Уставот поради промена на името, па немојте да се „правите на Тошо“ како тоа да не се случило. Се случило Мицкоски, и на место да се срамите за злото и штетата што сте ја направиле на Македонија и народот Вие галамите затоа што немате „ниту срам ниту перде“!

Вие Мицкоски тврдите дека договорот за името е договор за капитулација. Меѓународната јавност и сите европски авторитети, вклучувајќи го и Громико министерот за надворешни работи на Русија, го поздравуваат и поддржуваат постигнатиот договор со Грција што ги отвора вратите за влез во НАТО и ЕУ, а само за Вас Мицкоски договорот е за капитулација. Ајде да се поставиме во една хипотетична ситуација, ете како Вие би успееле да не се менува Уставот, ако можете објаснете го тоа на македонската јавност! Мицкоски Вие како опозиција кога се преговараше за името не гукнавте, Вашата партија ДПМНЕ немаше никаков став за името, Вие само гледавте сеир и молевте Бога преговорите да не успеат. А сега кога Заев заедно со грчкиот премиер Ципрас со нивната храброст, прагматичност и визионерство успееја да постигнат договор, со компромиси од двете страни, тоа Вам и на Вашата партија ДПМНЕ не Ви се допаѓа. Зошто? Затоа што имате завист и нескриена љубомора кон Заев кој успеа да постигне договор за кое Вие не сте способни, па така Вашата омраза спрема него од „природна омраза“ преминува во „патолошка омраза“! Но тоа е Ваш проблем, излечите ги Вашите комплекси ако можете! Оставете го Заев на мира, зошто Вие добро знаете дека не сте дораснале да се мерите со него, некој рече дека не сте му ни до колена!

На крајот да потсетам дека добро кажа Заев, граѓаните на Македонија се тие што за договорот ќе одлучат на референдум, за тоа не одлучува ниту опозицијата ниту оној несреќник претседател на државата. На референдумот членовите и симпатизерите на Вашата партија ДПМНЕ ќе гласат против договорот за името со Грација и промена на Уставот за што Вие ќе се потрудите да биде така, но другата поголема половина преку 60% од народот на Македонија ќе гласа ЗА прифаќање на договорот и промена на Уставот, со што референдумот сигурно ќе успее. Народот и без Вас сака да оди во Европа, сака Македонија да стане европска држава и така ќе биде. А Вие со Вашата партија ДПМНЕ останете да се копрцате во Балканското мочуриште слушајќи ги патриотските песни на Вашите комити…

Ние поголемиот дел од народот сме за Европа! Европа здај, што би рекле браќата Словенци…

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...