Демократскиот сојуз оценува дека постигнатиот договор помеѓу владите на Република Македонија и Република Грција е храбар, одговорен и државнички чин, со кој се нормализираат односите помеѓу двете држави и се отвораат перспективи за развој на Македонија и балканските држави, соопштија од партијата.
„Наш врвен, национален и стратешки интерес е деблокада на евроатланските процеси и полноправно членство во НАТО и Европската унија. Со овој договор се зацврстува македонскиот идентитет и еден од клучните елементи на нацијата – македонскиот јазик“, пишува во соопштението на ДС.
Од партијата ја поддржуваат јавната дебата низ која граѓаните, експертите, невладиниот сектор, политичките партии и медиумите, ќе ги соочат аргументите и на крај, како што велат, на референдум граѓаните ќе донесат одлука која сите ќе ја почитуваме.
„Обидот за блокада на процесот на ратификација на договорот и манипулација со чувствата на граѓаните, е поткопување на стабилноста на државата и поделба помеѓу македонците, со несогледливи последици по мирот и севкупниот развој на Република Македонија како демократска и унитарна држава“, наведуваат во соопштението.