Достоинството, националниот, културниот и севкупниот идентитет на македонскиот народ се заштитени со Договорот постигнат меѓу Македонија и Грција.
Согласно со тоа, ние имаме право да се определуваме како Македонци без какви било ограничувања, јави МИА повикувајќи се на нон-пејпер во кој имаше увид.
Основата на Договорот е тоа што во него на пријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „македонски“ и тоа, како ние за нас го толкуваме поимот „Македонија“ и „македонски“, се вели во документот.
Со Членот 7 од Договорот се прави јасна дистинкција дека поимот „Македонија“ и „македонски“ во Грција го означува „хеленскиот дел од историјата“. Во Договорот е утврдено дека „Македонија“ и „македонски“ во наш контекст ги отсликува нашата територија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство, различни од оние во Грција.
Согласно со тоа, ние имаме право да се определуваме како Македонци без какви било ограничувања, се нагласува во документот.
Согласно договорот, официјалното име за севкупна употреба ќе биде Република Северна Македонија или скратено – Северна Македонија.
Со Договорот се предвидува превод на името Република Северна Македонија на сите јазици. Не е предвидено со Договорот транскрипција на името Република Северна Македонија на латиница.
Во однос на јазикот, предвидено е македонски јазик, преведлив на сите јазици (на пример на англиски јазик – Macedonian language).
Во ОН останува да пишува – македонски јазик – без каква било фуснота со дообјаснување. Македонскиот јазик е утврден, идентитетот е зачуван.
Во Договорот има член што нотира научен факт дека македонскиот јазик е дел од јужнословенска група јазици.
Во врска со државјанството, односно националноста, во Договорот е утврдено – македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Тоа ќе биде преведливо на сите јазици (англиски – Macedonian/citizen of The Republic of North Macedonia).
Државните институции ќе го следат принципот на Договорот – новото утврдено има на државата. Сите други органзиции/компании/здруженија може слободно да се именуваат како македонски и да ја користат придавката македонски.
Државните симболи не биле дел од процесот на преговори. Химната, грбот и знамето остануваат и не се менуваат.
Имплементацијата на Договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури.
Спомениците изградени во рамки на проектот „Скопје 2014“, што ја отсликуваат хеленската култура како историско и цивилизациско наследство на светот, ќе го добијат тој епитет, се наведува во нон пејперот во кој МИА имаше увид.
Споменикот В„оин на коњ“ ќе се преименува во „Александар Македонски“, нема уривање на споменикот бидејќи останува како симбол на пријателството меѓу двете држави – Македонија и Грција.
Во нон пејперот се нагласува дека „нема да се срамиме спомениците да ги нарекуваме со нивното вистинко име – Александар Македонски е Александар и дел од светското наследство“.
Остануваат кодовите МК и МКД, додека регистерските таблички не се дел од меѓународна кодификација и ќе го следат духот на Договорот.
Во нон-пејперот се вели дека Владата во Скопје има законско право да преговара и склучува меѓународни договори.
Согласно тоа, правната основа за водење на преговорите за надминување на разликата е опишана во резолуцииите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), како и членот 5, став 1 од Времената спогодба од 13 септември 1995 година, ратификувана во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 48 од 12.11.1995), според кој „страните се согласија да ги продолжат преговорите под покровителство на генералниот секретар на ОН согласно резолуцијата 845 (1993) со цел постигнување спогодба во однос на разликата опишана во таа резолуција и во резолуцијата 817 (1993).
Согласно член 23, став 2 од Времената спогодба, “Времената спогодба ќе остане во сила се додека не биде надмината со конечна спогодба…”
Воедно, согласно член 3, став 2 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, меѓународни договори во име на Република Македонија може да склучува и Владата на Република Македонија, со кои се уредуваат прашања од области, кои претставуваат предмет на регулирање на таа Спогодба.
Македонија доби втора фаза на процесот на Стабилизација и асоцијација за членство во ЕУ, доби покана за членство во НАТО, но со Договорот со Грција е отстранета и последната пречка за наше членство во НАТО. Ќе бидеме 30 членка во НАТО. Договорот значи и отворање на преговори со ЕУ. Доколку не го надминевме спорот со Грција, вратата за членство во ЕУ ќе останеше затворена.
Тоа се дел од позитивните придобивки на Македонија од процесот на преговори со Грција и од постигнувањето на билатералниот договор, се нагласува во нон пејперот на Владата во кој МИА имаше увид.
Во иднина нема да има повеќе оспорување на нашето име, на нашата припадност, на нашиот јазик и идентитет. Нема да имаме повеќе фрустрации и гнев дека не сме признаени и дека сме оспорувани…
Добивме достоинствено решение. Македонско име кое е географски прецизно. Факт е дека нашата држава е во северниот дел од регионот Македонија што се протега во повеќе држави (Бугарија, Грција и мал дел во Албанија), се додава во владиниот нон-пејпер.
– Граѓаните ќе го имаат последниот збор за договорот на референдум. Граѓаните се тие кои ќе одлучат за оваа голема одлука. Веруваме дека ќе го донесат вистинскиот избор. Веруваме дека имаме добар, достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина. Доколку граѓаните не го прифатат договорот на референдум или доколку Грција не го ратификува договорот, тогаш не важи ниту една одредба во договорот. Нема да се прави никаква промена во името на државата или во Уставот. Но, доколку договорот не се спроведе во целост, од наша или од грчка страна, тогаш тоа значи дека немаме можност за членство во ЕУ или НАТО. Ако немаме договор со Грција, не можеме да станеме членка на ЕУ и на НАТО, се нагласува во нон-пејперот.
Во него се додава дека „од држава со многу проблеми и лоши односи со сите соседи, се претвораме во позитивен пример/модел што другите сакаат да го следат…. Ја зајакнуваме соработката. Ова е нов Балкан достоен за 21 век“.
Добиваме нов пријател, кој до вчера ни беше најголем непријател. Градиме пријателство со Грција. Ќе бидат наши поддржувачи, ќе бидеме партнери и сојузници. Трасираме пат за заедничко стратешко партнерство.