НАТО веќе има донесено одлука дека Македонија ќе добие покана за членство, откако ќе го реши спорот за името со Грција и таа одлука е донесена на Самитот во Букурешт во 2008 година, а сега откако договорот е постигнат поканата ќе пристигне кога ќе биде финализиран во двете земји.
Ова меѓу другото го порачува генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска во интервју за МИА, одговарајќи на прашањето да ја појасни процедурата за тоа како Македонија на самитот во јули ќе добие покана, откако договорот за името е постигнат. Во интервјуто, првиот човек на НАТО зборува за тоа како би течела постапката на прием на Македонија и за перспективите што ги носи членството за македонските граѓани
Кое е вашето мислење за договорот којшто беше постигнат вчера?
– Ове е историски договор, кој е од огромна важност не само за двете земји туку и за цела европа и за НАТО. Вчеравечер разговарав со премиерот Заев, му честитав и му се заблагодарив за неговите напори и лидерство и храброст. Исто така, зборував и со Ципрас и го поздравив резултатот и исходот од овој многу тежок процес.
Би сакала да ве запрашам, процедурално што ќе се случува понатаму. Дали на Македонија ќе и биде дадена покана на самитот во јули. Кои се всушност чекорите кои следуваат?
– НАТО одлучи во 2008 во Букурешт, каде што бев како премиер, дека штом земјите го решат името, НАТО ќе испрати покана. И таа покана се уште важи. Сигурен сум дека на самитот ќе се најде начин да изрази нашиот став дека стоиме до таа одлука и да ја признаеме важноста на договорот.
Она што е важно сега е договорот да биде финализиран и во Скопје и во Атина. Договорот е доста сеопфатен, што се однесува на сите одлуки, ратификации кои следуваат. Се надевам дека тоа ќе биде имплементирано најбрзо што може, што пак ќе ни овозможи да започнеме со преговорите за членство.
Знаеме дека референдум ќе се одржи наесен, самитот е во јули. Дали веќе сте примиле позитивен сигнал од грчката страна дека Македонија во јули може да биде поканета во НАТО?
– Она што веќе Грција јасно го има дадено на знење е дека ја поддржува одлуката на НАТО дека ќе испрати покана веднаш штом се реши прашањето со името. Но, треба да го примениме ова на коректен начин што е можно побрзо. Претходно договорот треба да биде финализиран, ратификуван во собранието. Сепак, ова е историски договор, историски момент, кој е важен за сите засегнати во Европа. Со ова се решава тешко прашање кое претставуваше проблем со години наназад. Договорот претставува историска шанса да се реши прашањето.
Да се финализира значи да биде прифатено од двата парламенти. Македонскиот претседател Иванов денеска одби да се сретне со Заев и со Димитров, а опозицијата во Грција изјави дека не е задоволна со договорот и не треба да биде потпишан од премиерот. Дали ова значи дека постои ризик дека договорот не би бил финализиран?
– На крај, обврската е сепак на демократските институции во Атина и Скопје да ги донесат конечните одлуки. НАТО нема обврска да ги направи конечните одлуки, туку тоа треба да го направат Скопје и Атина. Но, јас навистина ја охрабрувам вашата земја да ја искористи оваа историска шанса и да го реши прашањето и да продолжи понатаму со интегрирање во НАТО, ЕУ. А и НАТО и ЕУ се сосема јасни по ова прашање. Јас можам да говорам во името на НАТО дека ние сме подготвени да испратиме покана штом името е решено. Но, истовремено, договорот треба да биде финализиран и одобрен од демократските институции, во парламените на двете земји.
Што би значело членството во НАТО за граѓаните, кои се придобивките?
– НАТО креира безбедност, стабилност, мир и тоа е важно за економски просперитет. Проширувањето на НАТО со земјите од Балканот е важно за да се создаде стабилност, што пак овозможува економски развој и просперитет.
Јас би сакал да им посакам добредојде на вашите сограѓани во НАТО и земјата да стане 30-тата членка на НАТО. Ние сме спремни да продолжиме што е можно побрзо, но претходно треба договорот да биде финализиран.
Во врска со руската закана во регионот, и секако во Македонија. Знаеме дека до одреден степен постои руско влијание, но која е вашата проценка од безбедносна гледна точка, што би можеле да сторите?
– Русија се обидува да се меша во демократските процеси на многу земји низ Европа, па и на Западен Балкан. Еден од проблемите со кои се справува НАТО е како да ги здружиме силите и да ги спречиме тие обиди да се поткопаат нашите демократски процеси.
Видевме што се случи во Црна Гора и во други места на Балканот. Силата на НАТО лежи во тоа дека организацијата им ветува на сите нејзини сојузници дека ќе ги штити од какви било закани, врз основа на принципот „сите за еден, еден за сите“.
Повеќе од 70 години, НАТО успева да го одбрани секој негов сојузник и секој противник знае дека ако еден сојузник е нападнат, тогаш целиот сојуз ќе дојде во негова одбрана. Ова е токму она што го прави НАТО да биде најуспешниот сојуз во историјата, секогаш бил успешен да одбрани негов сојузник.
НАТО не постои за да испровоцира конфликт, но тој е тука да спречи конфликт. И тоа сме го правеле со децении.
Дали се плашите дека е можно во Македонија сценарио како тоа во Црна Гора како земјата се приближува кон членство?
– Црна Гора стана членка на НАТО бидејќи можеше да се приспособи на реформите и да ги заштити демократски инститиции, а ние обезбедивме помош. НАТО секогаш ги почитува суверените одлики на сите демократски земји.
Црна Гора сега е членка на НАТО и навистина би сакал и вие да станете 30. членка на НАТО.