Сајбер простор, кој ќе им овозможи на граѓаните да уживаат во бенефитите на дигиталната технологија, но и да се заштитат од опасностите е императивот на Националната стратегија за сајбер безбедност, чија работна верзија денеска беше презентирана на јавна расправа.
Сајбер безбедноста е неопходна за функционирањето на дигиталната средина за користење на е-услуги кои масовно ќе почнат да се користат од следната година.
– Граѓаните очекуваат нивните податоци да се заштитени кога аплицираат за извод од матична книга на родени или кога отвораат фирма преку интернет. Во таа насока, МИОА изготви нов Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, со кој се транспонира еИДАС Регулативата на Европската Унија. Новиот закон ќе им овозможи на граѓаните нови начини за електронска идентификација при користење на електронските сервиси – рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
До крајот на летото треба да почне да функционира и Електронскиот регистар на население како основа за нудење електронски услуги на граѓаните. Веќе е формиран и националниот тим за справување со компјутерски инциденти, МКД-ЦИРТ и тој треба да управува со инциденти на национално ниво.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска го појасни значењето на сајбер безбедноста од аспект на одбраната.
– Република Македонија е решена да стане членка на НАТО и уверени сме дека на Самитот во јули ќе ја добие долгоочекуваната и заслужена покана, но тоа значи дека и нашите обврски ќе станат поголеми и навистина обврзувачки. Токму тој период од покана до членство е можеби најризичниот во однос на сајбер безбедноста и во овој период Македонија ќе треба да рамките на стратегијата да се зајакне на ова поле – рече таа.
Предвидено е да се обезбеди развој на сајбер одбрана како неделив дел од сајбер безбедноста, предвидени се единици со сајбер капацитети во различни делови на владата и армијата, основна рамка за комуникација и координација при одговор на сабјер напад на воените системи и на критичната инфрастуктура.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека МВР во рамките на своите надлежности активно презема мерки за превенција, заштита и сузбивање на компјутерскиот криминал и злоупотребите во информатичката сфера, иако не секогаш и доволно, бидејќи за ефикасна првенција и заштита во сајбер просторот е потребен холистичен и мултидисциплинарен пристап.
– Со самиот факт дека при подготовка на предлог работна верзија на Стратегијата за сајбер безбедност партиципираа три министерства (за информатичко општество, за одбрана и за внатрешни работи) дополнително говори во прилог на неопходниот мултидисциплинарен пристап не само во подготовката на еден ваков документ, туку и во неговата реализација и практична операционализација – рече тој.
Во стратегијата на предлог на НВО секторот е предвидено да се вклучат и одредби за заштита на децата во рамки на активностите на Глобалната алијанса против онлајн сексуална злоупотреба на деца.