Една година и два месеца затвор за Цео Ѓорѓиевски и три години за Стојан Павлески добија двајцата обвинети во случајот за претепувањето и обидот за убиство на лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села кои во понеделникот ја признаа вината.
Ѓорѓиевски и Павлески се осудени за кривичното дело насилство. Рочиштето за изрекување на пресудата започна со доцнење од повеќе од еден час бидејќи првично требаше да се одржи во помала судница, но поради големиот број новинарски екипи се чекаше да се ослободи поголема судница.
Ѓорѓиевски и Павлески прво се товареа за обид за убиство, но при крајот на судскиот процес, на рочиштето пред да се кажат завршните зборови, обвинителот Дарко Јакимовски направи промени во обвинителниот акт и за нив двајцата го преквалификува делото во насилство. Преквалификацијата следуваше откако во судница беше презентирана нова снимка од насилството во прес салата во Собранието. По анализата на видеото и споредбата со другите снимки и времето на дејствијата, обвинителот го повлече обвинението за еден обвинет, а за нив двајца го смени делото и во завршните зборови порача дека тие не се товарат само за насилство кон Села, туку и кон другите пратеници кои се наоѓаа во прес салата при упадот на 27 април лани.
Од судот, Јакимовски побара затворска казна бидејќи, како што рече, условна пресуда би била банализирање на крвавиот четврток. Ѓорѓиевски и Павлески, пак, по преквалификацијата пред судот признаа вина, рекоа дека се каат и критичната вечер немале намера некого да повредат. Тие и нивните адвокати, наведувајќи ги олеснителните околности, како здравствената и социјалната состојба на обвинетите, побараа од судот условна осуда.
Во предметот поврзан со крвничкото претепување на Зијадин Села, останаа уште седум обвинети за кои обвинителството остана на ставот дека тие треба да одговараат за обид за убиство. За нив судската постапка, исто така се наоѓа пред завршница. На 2 и 5 јули обвинителот, адвокатите и обвинетите треба да ги кажат завршните зборови, по што судот ќе треба да ја изрече пресудата.