Фала Заев! Фала за историското ДА за македонската иднина. Кажа ДА во името на оние што го сакаат својот македонски дом. Фала за храброста и патриотизмот, за одважниот чекор од седум милји.
Две и пол децении го носиме самарот ФИРОМ на грбот, понижени и обележани како „привремени“.
Заев ни го донесе имотниот лист што беше заклучен зад седум брави, чуван од керберите на сопствената балканскиот инает, но и од неспособноста, нерешителноста и кукавичлукот.
Две и пол децении се расправавме, често и со висок тон, за нашето име, по светот и дома, го браневме идентитетот и јазикот, како што знаевме и умеевме. Наспроти сето горчливо искуство од арамилакот што се криеше зад божемниот патриотизам, што во суштина беше сталинизам и етно-радикализам. Дури и рускиот амбасадор при ЕУ, Владимир Чижов, кажа дека баќушките го поддржуваат решението на спорот со името. Океј, не пропушти да каже и некој збор против НАТО, но тоа му е работа…
И да! Помина времето кога право на патриотизам и одбрана на тоа што е македонско им беше дозволено исклучиво на оние што ги вееја знамињата на омразата и насилството. Сега гордоста и достоинството, широчината и мудроста се на нашата страна од патот кон македонската иднина. На страната на сите Македонци и нивните сограѓанки и сограѓани. Направивме историски исчекор кон иднината, патриотски, а не националистички.
Денеска треба да му честитаме и на грчкиот колега на нашиот премиер. Ципрас вети дека ќе го реши спорот со името без оглед на цената што ќе ја плати. Го исполни своето ветување, наспроти силниот притисок од националистите и црквата, спонзорирани од кујната во Кремлин.
Денот кога решението на деценискиот спор ни го соопшти премиерот Заев ќе го помниме со доза неопходна патетика, но и со смеа, со типично балкански зачини. Ќе го запомниме кутриот новинар-камерман на Инфомакс кој не успеа да ги прочита пораките од гротескниот агитпроп центар на својот телефон. Прочитајте си, прочитајте си – благонаклоно му дофрли Заев од говорницата, а ние низ смеа евоциравме спомени од времето кога во парламентот кружеа ливчиња со прашања од сега осудениот Груевски…
Смеата продолжи во раните вечерни часови, по историското соопштение… Мицкоски излезе на прес-конференција нервозен, груб и несигурен. Во својот говор, онака прописно испотен, тој уште еднаш покажа дека упорно го следи сценариото за дополнително тонење на политиката сцена.
Мицкоски и партијата што Фамилијата му ја тутна в скут го поставија курсот на деструкција и понатамошна маргинализација на политичката сцена. Од тоа, се чини, враќање нема. На здравите и модерни структури во партијата, сега во внатрешна опозиција, ќе им биде многу тешко да ја извлечат партијата од политичките загуби кои допрва му претстојат на ДПМНЕ. Но, доколку останат патриоти, а не националисти, ќе ѝ помогнат на најголемата опозициска партија да ѝ дадат нов курс, македонски, а не Фиромски.
И да ги потсетиме големите „хигиеничари“ дека позициите на нашите преговарачи во овој дипломатски блиц-криг кој го предводеа модерните премиери на македонската и грчката стана, ќе беа неспоредливо посилни. Да не ни се случеше 11-годишен погром кој го спроведе Фамилијата и нивниот налудничав проект Скопје 2014, приказната ќе течеше и поинаку, а работата на македонските патриоти ќе беше полесна. Но, да не се враќаме во минатото, време е за македонската иднина. Морав уште еднаш да го цитирам ова. И ќе го цитирам уште многу пати.
Затоа што, конечно, го оставаме ФИРОМ зад нас, кратенка како да сме небеско тело од периферијата на некоја галаксија. Ги оставаме зад нас тешките тегови што нѐ влечат надолу, во глупост, сиромаштија и изолација.
Го имаме имотниот лист в рака. Наесен, треба да му ставиме и печат.