Платформата содржи правна и даночна база на податоци, во која се содржани детални информации кои може да се од интерес за инвеститорите.
На Инвестицискиот самит за Западен Балкан, организиран од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кој вчера се одржа во Лондон, пред шесте премиери од регионот, претставници од финансиски институции и водечки меѓународни компании, беше презентиран првиот заеднички производ на Коморскиот инвестициски форум – Регионалната инвестициска платформа, која беше подготвена со поддршка на ЕБОР.
Доктор Татјана Штерјова, националниот координатор на Коморскиот инвестициски Форум во Стопанската комора на Македонија, посочува дека Регионалната инвестициска платформа треба да биде централна точка од која потенцијалните инвеститори ќе ги добиваат сите потребни информации за инвестирање во земјите од Западен Балкан. Платформата ќе овозможи потенцијалните инвеститори од регионот и пошироко да имаат пристап до база на податоци за макроекономските показатели, правната рамка, пазарот, финансиските и други стимулации, потенцијалните партнери и добавувачи, како и конкретни проекти во кои може да го вложат својот капитал.
– Платформата треба да послужи за две цели – од една страна, да го промовира целиот регион како специфична инвестициска дестинација и да ги информира потенцијалните инвеститори за можностите кои ги нуди регионот, како и да им помогне при донесувањето на нивните одлуки за инвестирање, но од друга страна, истовремено и да им помогне на малите и средни претпријатија во нивните инвестициски активности. Во крајна линија, платформата треба да им помогне на владите во државите од Западен Балкан да ги отстранат бариерите и да обезбедат транспарентно деловно опкружување кое ќе обезбеди понатамошен раст на регионот – вели Штерјова.
Платформата содржи правна и даночна база на податоци, во која се содржани детални информации кои може да се од интерес за инвеститорите кои сакаат да започнат активности во некоја од земјите од Западен Балкан – вклучувајќи ги, меѓу другото, прашањата за регистрација на трговско друштво, пазарот на капитал, јавните набавки, вработувањето, даночниот и царинскиот режим, визниот режим и обезбедувањето работни дозволи за странци, решавањето на споровите, правната рамка која се однесува за заштита на инвестициите…
– Истовремено, во платформата се содржани и видувањата на странски инвеститори кои веќе се присутни во регионот, во кои даваат преглед на нивните искуства во поглед на инвестирањето во земјите од Западен Балкан, проценетите предности и недостатоци на регионот, но и препораки за идните инвеститори кои би биле заинтересирани за регионот – додава Штерјова.
Платформата ги содржи и предлозите на Коморскиот инвестициски форум за подобрување на бизнис климата во државите од Западен Балкан, кои се однесуваат на обезбедување институционална и политичка поддршка за имплементација на регионалната економска област, но и за обезбедување слободно движење на стоки/услуги во целиот регион, слободно движење на луѓето од регионот, креирање заедничка стратегија за дигитална трансформација и заедничка регионална енергетска стратегија, но и заедничко промовирање на регионот како специфична инвестициска дестинација.