Филипче нема право да дискриминира!

Обидот на една категорија население – на медицинските сестри - да им се ограничи елементарното човеково право да бараат работа таму каде што има, е класична дискриминација. За која се одговара пред законот.

1785

Збунет сум и разочаран од најавата на министерот за здравство, Венко Филипче, дека ќе направел договор со германското Министерство за здравство, нашите медицински сестри да можат да добиваат само привремени работни дозволи, а не и да може да се иселуваат. Оваа најава со право предизвика остра реакција на Здружението на медицински сестри, акушери и техничари.

Ги разбирам мотивите на министерот Филипче, бидејќи Македонија се соочува со драматичен недостиг на медицински кадар. Тукуречи нема медицинска сестра или млад лекар кој денес не изучува германски јазик и се подготвува да  бара пристојна работа надвор од Македонија. Но, проблемот е многу посериозен, бидејќи недостиг на едуцирани и работоспособни луѓе има и во многу други струки.

Филипче по професија е лекар и работата ја пресекол како со скалпел – ќе ги замолел колегите во Берлин да му учинат. А можеби и тоа ќе се случи… Но, некој поедуциран во некои други области, морало на човекот да му каже дека вакви договори може да прави само за себе лично и евентуално за членовите на своето семејство, ако тие се согласат. И тука неговите „ингеренции“ завршуваат.

Во светот постои нешто што се нарекува принцип на слободно движење на стока, капитал и труд. Тоа е еден од темелните принципи на слободниот пазар, а без слободен пазар денешна Европа не би била она што е. И затоа, обидот на една категорија население да ѝ се ограничи елементарното човеково право да бара работа таму каде што има, е класична дискриминација. За која се одговара пред законот.

Медицинските сестри се апсолутно во право кога велат дека секој има право да замине во странство ако му се понудат подобри услови и да остане на неопределено време. Ако домашните власти не сакаат медицинскиот персонал да се иселува, нека му понудат подобри услови за работа. Кратко и јасно. А додека тоа не се случи, луѓето од Македонија, која сега ќе биде Северна, нели, мора да имаат право среќата да си ја бараат и на Север – Северозапад. Зошто да не?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...