Светот повторно го виде обезбедувањето на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун додека во црни костими трчаа околу неговиот автомобил во Сингапур, каде ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што пренесува ББЦ, тие се многу повеќе од спектакл, бидејќи кога е во прашање безбедноста на нивниот лидер, Северна Кореа не и препушта ништо на случајноста.
Кимовото обезбедување дејствува во три различни линии околу него, додека во Сингапур тоа е модифицирано.
Тие кои трчаат покрај лимузината на Ким и одат покрај него, се дел од Канцеларијата на шестата централна партија, позната како Главна канцеларија на аѓутанти, пишува Тањуг.
Тие се регрутираат од Корејската народна армија, мораат да бидат со иста височина како лидерот, да имаат добар вид, добро да пукаат од пиштол и да се занимаваат со боречки вештини.
Обезбедувањето е подложено на ригорозни проверки две генерации наназад, така што повеќето припаѓаат на семејството на Ким или на други елитни семејства.
Кога ќе пристапат во обезбедувањето се подвргнуваат на интензивна програма за обука, која предвидува употреба на пиштол, техника на избегнување, различни боречки вештини и физичка издржливост.
Обично се облечени во костуми од западен тип и сите носат вратоврски, имаат беџови или значки на костумите и користат кодирани фрази, додека возачите на Ким секогаш имаат ленени или кожени ракавици.
Во Сингапур пристигнале три авиони од Пјонгјанг, а како се верува, обезбедувањето било најмалку во два од нив.
Тие за време на престојот на Ким во Сингапур ќе му обезбедат безбедни телефонски линии, компјутери и неопходна ИТ безбедност.
Освен тоа, тие ги носат пијалоците, храната и цигарите кои Ким ги сака, а ќе ја проверат било која храна и пијалок пред да му биде сервирана на Ким.