Граѓанскиот активист Жарко Трајаноски и Петрит Сарачини се ангажирани во Пи – ар службата на Владата, за Плусинфо потврди владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Трајаноски на јавноста ѝ е познат како граѓански активист и учесник во Шарената револуција.
Сарачини, пак, до неодамна беше дел од кабинетот на екс-министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кого по оставката, Владата го ангажира за национален координатор за култура. По оставката на министерот од кабинетот замина и Сарачини, но за кусо време тој повторно е ангажиран да работи за Владата.
– Жарко Трајаноски и Петрит Сарачини се ангажирани за извршување професионални задачи за потребите на Секторот за односи со јавноста на Владата на РМ.
Жарко Трајаноски е ангажиран за истражувања и анализи, а Петрит Сарачини за медиумски мониторинг, во согласност со нивните професионални компетенции. Нивните ангажмани се регулирани со договор на дело – ни потврди Бошњаковски.
Од Владата не добивме одговор колкави се примањата на Трајаноски и Сарачини.