Немам дилема дека случајот „Тимјаник“ е „есенцијална слика на бедата на нашето колективно битие“, како што пишува на Фејсбук Елена Оровчанец – Спировска. Точно е и тоа дека Тимјаник „во моментов прераснува во епитом на македонската себичност, провинцијалност, духовна и образовна сиромаштија која прераснала во општествена мизерија“, како што забележува Ивор Мицковски, во неговата денешна колумна, преземена од нетот.
Држи напишаното и кажаното. И тоа дебело. И нема никакво, ама баш никакво оправдување, за отпорот на една група луѓе против обидот да им се помогне на неколку деца со попреченост, од Специјалниот завод во Демир Капија. Не е оправдување ни приказната за тоа дека децата во Тимјаник немале градинка – немаат ни децата во многу села, па што?!
Сепак, исто како и на Оровчанец – Спировска, некако не ми се допаѓа жестината на критиките врз тимјанчани, особено не кога доаѓаат од наводно освестени и софиситицирани луѓе, кои и самите не сториле многу да им помогнат на социјално ранливите категории население. Треба ли да ве потсетам на бунтовите против дневниот центар за зависници во Кисела Вода, на отпорот против ЛГБТ центарот во Старата скопска чаршија и на многу слични докази за нашите предрасуди кон другоста?
Со други зборови, иако не сакам и не можам да ги оправдам жителите на Тимјаник, се обидувам да разберам зошто така реагираат и што навистина се случува таму. И еве до какви заклучоци доаѓам:
Прво, јас сум сигурен дека пред да падне одлуката за згрижување на трите деца во ова село, некој знаел – или морало да знае! – дека во Тимјаник ќе се соочи со отпор. И наместо министерката Мила Царовска пост фестум (после протестот) да се згрозува од реакциите на тимјанчани и да трча да го гасне огнот, можело луѓето да ги посети пред бунтот и да им објасни што е што…
И второ, ако Владата веќе троши пари за пропагандна машинерија, а локалните самоуправи за некакви фенси проекти (ваучери за пијаници во Скопје, на пример), некој морало да се сети дека Тимјаник е совршен таргет за една сериозна пи-ар акција за развој на свесноста на луѓето дека да им се помогне на три несреќни деца е прашање на хуманост и чест.
Значи, ако веќе правиме список на виновници за она што се случило во Тимјаник, јас на прво место ја ставам Владата. Во најмала рака, премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров можеа своите квадрицикли да ги повозат околу Тимјаник, а потоа да разменат збор-два со селаните. Баш ќе беше цивилизирано, нели?