Градската администрација „јава“ електрични скутери, зошто не и вие?

Предвидено е наскоро да се постават 30 нови полначи за електрични автомобили и полнењето на почетокот да биде бесплатно.

360

Град Скопје работи на стимулирање на граѓаните да купуваат електрични автомобили преку обезбедување услови за полнење и бесплатно паркирање на местата означени за полнење на електрични автомобили. Предвидено е наскоро да се постават 30 нови полначи за електрични автомобили и полнењето на почетокот да биде бесплатно. Ова го рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска на форумот што го организираше Машинскиот факултет, на тема „Намалување на загадувањето на воздухот со електромобилност“.

– Споредено со другите поголеми градови во Европа, Скопје има значително помалку електрични автомобили. Иако постојат повеќе поволности за користење електрични автомобили, за жал, сѐ уште сме далеку од европскиот просек. Електромобилноста не подразбира само користење електрични автомобили, туку и електричен јавен превоз. Низ Скопје овие месеци вози електричен автобус. Автобусот е направен согласно со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Се работи за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и опремен е со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови кои го загадуваат воздухот. Автобусот сообраќа пробно низ Скопје 6 месеци, а претставува одлично искуство за модернизација на јавниот градски превоз – рече Шилегов.

Возниот парк на Град Скопје освен електричен автомобил, вбројува и електрични скутери и велосипеди кои градската администрација редовно ги користи, затоа што електричните возила не генерираат ЦО2 и други штетни гасови споредбено со конвенционалните возила со погон на фосилни горива.

Придобивките од користење на електричните возила се многубројни бидејќи тие се далеку потивки во однос на возилата со мотори на внатрешно согорување и со нивно користење се намалува бучавата во урбаните средини, и се доведува до намалување на загадувањето на почвата и водата, имајќи ги предвид опасностите при излевање на нафта и масло како составен дел од конвенционалните возила со мотор со внатрешно согорување.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...