Владата на Република Македонија останува посветена на изнаоѓање решение кое го штити и зајакнува достоинството и идентитетот на граѓаните на Република Македонија. Шпекулациите во овие сензитивни моменти не можат да придонесат кон оваа стратешка цел од национален интерес.
Ова е одговорот за Плусинфо на портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски за информациите на српски „Курир“ дека пропаднале преговорите меѓу Македонија и Грција за името.
– Најавжно е да се постигне квалитетно и взаемно прифатливо решение кое ќе биде одржливо. Изграденото пријателство меѓу двете држави е голем влог за заедничката иднина, а соработката во иднина само ќе се зголемува. Владата на РМ останува силно посветена на остварување на стратешките цели, членство во ЕУ и НАТО, а јасно е дека за нивна реализација неопходно е да се надмине проблемот што Грција го има со нашето уставно име- вели Бошњаковски.
Српски „Курир“ објави дека Македонија и Грција не постигнаа заедничко решение околу спорот за името па преговорите пропаднаа.
Тие пишуваат дека грчката страна побарала целосно бришење на одредницата „Македонија“ од конечното решение, поради што не е возможен компромис во овој момент.