Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања Бујар Османи, заедно со претставниците на Секретаријатот за европски прашања, денеска го презентира Планот 18 пред претставниците на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата Османи најпрво изрази благодарност до опозицијата за нивната конструктивна улога во насока на имплементацијата на реформите од Планот 3-6-9.
– Имам целосно разбирање за потребата на опозицијата да гради алтернативни политики од оние на Власта, но апелирам за суштинските реформи, за евроатланската перспектива, но и за стратешките интереси на земјава, да изградиме политички и севкупно, општествен консензус, кој ќе претставува катализатор на напредокот на земјата – рече Османи.
На претставниците на ВМРО-ДПМНЕ им беа претставени клучните области на новиот реформски План 18, како и досегашните предлог мерки на планот, како основа врз која во претстојниот период Секретаријатот за европски прашања ги собира, систематизира и обработува сите предлози кои доаѓаат од Делегацијата на Европската Унија, Администрацијата на ЕУ во Брисел, домашниот граѓански сектор, експертската јавност, и секако од опозицијата.
– Вашите предлози, коментари и евентуални забелешки, имаа посебен третман во дефинирањето на целовитоста на Планот 18, имајќи ја предвид интенцијата на Владата и владејачкото мнозинство, за изградба на политички консензус, и тоа не само за законите кои упатуваат на тоа поради потребата од двотретинско мнозинство, туку како клучна политичка придобивка која упатува на сериозноста на државата – рече Османи.
Опозоциската ВМРО ДПМНЕ соопшти дека на состанокот изразила сериозни забелешки во однос на реализацијате на реформите од претходниот План 3-6-9, потенцирајќи ги, како што велтат, потфрлањата во сите суштински области.
„Практично и немаше област во претходниот план каде што целосно и навремено беа реализирани преземените обврски, а поголемиот дел од пропустите беа забележани и нотирани и во нон-пејпр документот објавен во медиумите. ВМРО-ДПМНЕ ја истакна загриженоста од општо распространетоста на корупцијата и немањето волја на владата да се бори со организираниот криминал во сопствените редови, факт кој што катастрофално се одрази и на паѓањето на Македонија на листата на меѓународната Транспарентност. Проблемите во судството не само што не се надминаа, туку истото по завршување на последниот дел од планот стана максимално клиентелистичко, а самиот премиер почна да ги најавува пресудите. Подеднакво лоша е состојбата и со партизирањето на јавната администрација, кој од 3 во 6 па сѐ до 9, во континуитет регресираше. Партиската делегација ја потенцираше и катастрофалната економска ситуација и лошите политики кои ги води владата, а кои ризикуваат да предизвикаат долгорочни штети по државата и стандардот на граѓаните“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО ДПМНЕ порачува дека ваквите планови не смее да се третираат како ПР алатка на власта која би служела само, како што велат, за дефокусирање на јавноста од актуелните проблеми, туку дека мора да се реализираат суштински реформи кои ќе го подобрат животот на граѓаните. Во тој контекст беше изразен сомнеж во капацитетите и волјата на актуелната влада да ги реализира преземените обврски.