Филипче: За шест месеци 1.000 вработувања во јавното здравство

518

Во последните шест месеци во јавното зравство во земјава се реализирани 1.000 вработувања од кои најголемиот дел се доктори, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче при посетата на велешката болница.

Тој најави дека и од крајот на овој месец ќе почнат првите специјализации, а поголем број доктори ќе почнат со специјализации од септември при тоа посочи дека досега недостигот на специјалисти бил резултат на лошото планирање на прием на кадри.
– Ни требаше одредено време за да ја направиме точната проекција од која специјалност и која установа во државата ќе се упатат млади доктори на специјализација. Притоа и кога ќе почнат со специјализација треба да поминат четири–пет години тие доктори доволно да се обучат за да работат во одредена специјалност. Во одредени специјалности таа едукација не е доволна и потребна е работа на овие лекари со пациенти под менторство на постари колеги за младите доктори да се стекнат со искуство во својата струка – рече Филипче.
За недостигот на специјалисти во болниците во внатрешноста на државата, министерот рече дека се надополнуваат со доктори од Скопје или од другите градови.
Во однос на инвестициите во здравството тој рече дека се разгледуваат можностите да се аплицира за повеќе европски проекти кои нудат поддршка за подобрување на инфраструктурата на јавните здравствени установи во смисла на енергетски ефикасни објекти.
Филипче најави дека при крајот на месецов со Банката на Советот на Европа ќе се разговара за можноста за кредитирање, не само за градба на новиот Клинички центар, туку и за реконструкција на сите јавно здравствени установи во земјава, кои треба да се реконструираат, а тука пред сѐ се регионалните болници.

Во врска со долгот на јавните здравствени установи, Филипче рече дека тој изнесува околу 50 милиони евра што прави огромен проблем за функционирање на здравствениот систем.

– Долговите во сите јавни здраствени установи се во огромен број, ние направивме пресек за повеќе години наназад и забележавме дека долговите почнале да растат во 2012 година. Ние досега успеавме да го структурираме начинот на кој се исплаќаат, како кон јавните институции, така и кон приватните добавувачи, поради тоа што моравме да се заштитиме од блокирани сметки и блокирани институции како што е случајот со Службата за заеднички работи во Скопје, каде неколку месеци беше блокирана сметката и беа загрозени платите и нормалниот начин на функционирање на институциите. Тоа е сума со која располага нашиот здраствен систем, ние мора да ставиме ред, а тоа ќе го почнеме со исплатата на долговите, понатаму ќе видиме колкави ќе бидат можностите за дополнителна сума пари и како неа ќе ја насочиме кон враќање на долговите и кон развојни проекти – појасни министерот Филипче.

На прашање кога ќе биде ставен во функција томографот во велешката Општа болница, министерот рече наскоро.

– Станува збор за компјутерска томографија којашто има проблем со радиографската цевка и ние сме во процедура со којашто помагаме со финансиски средства на болницата ова да се среди – информира министерот Филипче.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...