Сопругот на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Влатко Илиески ја водел меѓуресорската група која требало да ги расчисти состојбите во Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти.
Како што пишуваше „Слободен печат“, познати бизнисмени и сопственици на спортски клубови со години не плаќале закупнини за спортски сали, базени и други спортски објекти кои се во државна сопственост, а кои тие ги зеле под наем. Закупците на државата ѝ должат 3,2 милиони евра само за неплатени кирии.
Работната група што ја водел Илиевски, како советник на поранешниот премиер Никола Груевски, според неофицијалните информации, подготвила извештаи и тие биле доставени до Владата. Што содржат тие извештаи, дали се предлагаат некакви мерки и зошто ништо не е преземено засега никој не кажува. Извесно е само дека ситуацијата останала непроменета, односно ниту еден договор не бил раскинат, ниту пак се наплатил заостанатиот долг од неплатената закупнина.
Со раскрчмувањето на спортските објекти во сопственост на државата се занимавала и полицијата, но и тоа не помогнало. Двајца поранешни директори биле уапсени и пуштени, а третиот, како што неофицијално дознаваме, ја напуштил државата.
Упатените велат дека најголем дел од објектите се дадени под закуп на функционери од политичките партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ или на нивни блиски луѓе. По промената на власта функционерите од СДСМ „изградиле релации“ и со ВМРО-ДПМНЕ и така 10 или 15 години располагаат со државен имот, заработуваат пари, а не плаќаат концесии. Инаку најголем дел од договорите се склучувани во четири очи, без одлука на Управниот одбор, без распишан тендер.
И актуелната Влада најави дека ќе формира работна група која ќе ги ревидира сите договори за концесии на спортската инфраструктура, и секаде каде што има кршење на договорот за концесија, тие договори ќе се оспорат и ќе се раскинат.
Мими Шушлеска Петкова, „Слободен печат“