Мицкоски и Орбановата нелиберална демократија

Кој би можел да биде новиот „македонски Орбан“? Христијан Мицкоски? Тој е најмалку опасен. Новиот Орбан може да се појави само благодарение на некој иден „Никола Груевски“ во сиот негов хемиски состав.

439

Животот во оваа земја ме научи на широка „толерантност“ и не баш на високи критериуми кога е во прашање политиката. Оттука можам да поднесам и да толерирам демагози и лопови, и разни други политички „пробисвети“, ама силеџии – е, тоа баш никако не можам да поднесам. За силеџиите местото е правда или поточно закон, и точка. Која е причината, сигурно се прашувате, за ваков ламент или вовед? Тоа дека најлошата работа за еден источноевропски државник е да стане „глобално познат“: тоа во пракса значи, имено, да биде „познат по зло“ (освен кога се работи за амблематичната фигура како Хавел, ама тоа време помина). Добро, колку просечен гласач на ДПМНЕ (или просечен гласач на СДСМ) знае нешто за Виктор Орбан? Колку луѓе денес знаат нешто компетентно за денешна Унгарија, а колку за нејзината политика или економија? А, се работи за голема и важна земја, притоа, ни повеќе ни помалку, членка на ЕУ и НАТО.

Нелиберална демократија

Колку луѓе знаат дека Унгарија барем глобално е важна колку што е важна и Италија, како што глобално беше познат нивниот Берлускони? Од славата, пак, на Берлускони, Италија ќе се опоравува долго и неизвесно. „Бедните мали источноевропски државички“ (Иштван Бибо) се жив доказ за онаа прастара дефиниција која гласи: „лошиот глас се слуша подалеку од добриот“. Сетете се на пример на Слободан Милошевиќ, државник кој за малку не ја погреба целата бивша Југославија со сите нејзини републичиња. Сетете се на Македонија и на Груевски, на пример. Се што се случи во Македонија во изминатива декада, како контрапример се случи и во Унгарија. Е, ние пропаднавме, а Унгарија беше нашиот „светол пример“ како еден вид „поглед на светот“. Што правеше Орбан во Унгарија, а не направи Груевски во Македонија?

Десничарската влада на Виктор Орбан го промени уставот во правец во кој би му позавиделе и најдесните крила на американските републиканци: ја исфрли „републиката“ од името Унгарија (!), удираше на медиумите, судството, ја рушеше независноста на Централната банка, правеше луди економски потези пикајќи се пред ММФ и сличните, создавајќи им дополнителни проблеми, тврдејќи пред народните маси дека земјата ја спасува од нив; истовремено, власта на Орбан кокетираше со растечката екстремна десница. Низ Унгарија се одржуваа чести идиотски паравоени говоранции, во огромен број низ населението се појави антисемитизам и антиромско насилство, се појави полуофицијален големоунгарски ревизионизам, демократско-либералните стандарди на општеството се растураа, не спонтано, туку со интервенција на Орбановата власт и, да не заборавам, невладините организации беа на перманентен прогон. Дури, ако се сеќавате, Обран ја смили онаа лудачка кованица наречена „илиберална демократија“, односно нелиберална демократија, настрана што демократијата или е либерална и демократска или воопшто не е демократија. Такво нешто како нелиберална демократија не постои, освен во главите на разни автократи и диктатори. Забележувате, по таквата имплозија во земјата, без разлика што Унгарија е во ЕУ и НАТО, широките маси го наградија Виктор Орбан со трет премиерски мандат.

Не, почитувани, ова не е „геополитички коментар“, туку се работи за тоа дали Христијан Мицковски, човек кој реално не е „покакан“ во политиката, ќе се држи до овие конзервативни догми на „Орбан/ Груевски“, или ќе ја поведе денешната опозиција во некои помодерни, цивилизациски правци? Македонија не смее повеќе да си дозволи да биде „Орбанова“, ниту смее да си дозволи да биде „Груевистичка“, по никоја цена.

Македонски Орбан

Зошто мислам дека ако Мицкоски се држи до овие „десни догми“, нема да дојде на власт. Ајде да видиме и зошто: имавме ние изминативе години многу полош Орбан од Орбан, имавме грозна идеолошка војна, беда, изолација, первертиран национализам и атмосфера на насилство и страв. Сето тоа го поминавме, а оние кои тоа го проживеаја се страшноооо уморни; после едно „купче“ години и многу недоследна „нормализација“, ние сме луѓе кои хронично сакаме „нормалност“, а таа нормалност лесно се дефинира не по „тоа што таа е“, ами по „тоа што е“: да поедноставам – Мицковски треба да понуди се обратно од Орбановата-груевистичка парадигма! Уф, импресивно, нема што: нашата најголема надеж е во длабочината на нивниот пораз.

На другата страна, што е тоа што ни зборува во прилог на некаква можна „орбанизација на земјава“? Најпрво не треба да се заборави дека Орбан се врати на власт поради темелната компромитација на лево-либералните транзициски елити, за кои е многу лесно да се презентира „празен вишок“ на некомпетенција и корумпираност. Ве потсетува ли ова на нешто?! Натаму, долги години демократските елити подлегнаа на еден вид фатализам и(ли) дефетизам – го знаете она: се е исто, сите се исти, бла, бла, бла – што во старт ја ослабува превенцијата од „орбанизација“.

Не знам за вас, ама мене ова ме потсетува на некоја блиска и сосема можна идна Македонија. Па, добро, сега сигурно се прашувате кој би можел да биде новиот „македонски Орбан“? Можеби Христијан Мицкоски? Чудно или не, овој човек е најмалку опасен. Новиот Орбан може да се појави само благодарение на некој иден „Никола Груевски“ во сиот негов хемиски состав, таа матрица е се уште зацементирана во многу политички глави, а знаете и сами дека Груевски е како вегета, оди во сите јадења.

Во ред, Јовановиќу, ама колку е сето тоа веројатно? Појма немам, ама не би ја отпишал новата можност за „орбанизација“ на Македонија која, притоа, да не се лажеме, многу повеќе е ранлива од Унгарија, што значи дека и последиците по неа би биле драстично поразорни. Добро, има ли шанса овој мој текст некого да насекира? Без гајле, нема! Што е најдобар показател дека оваа состојба не е воопшто шега, туку можна реалност, која демне зад ќошот, додека баба Македонија се чешла, селото гори, а Заев метанисува со Грците, хранејќи го сето она кое на драго срце политички би го погребало.

(Објавено во „Слободен печат“)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...