Македонија влегува во нова димензија

Договорот за името е еден елемент, нотарска заверка на тоа што веќе се случува. Би требало да ни е полесно да го прифатиме. Јас имам впечаток дека меѓународната заедница и домашните актери, и тука и во Грција, добро ја изменаџираа целата операција.

1766

Кога ќе ги читате овие редови, Македонија веќе ќе биде лансирана во нова димензија. Или, можеби не!? Не верувам. Макар што ние сме познати како неверојатно талентирана нација која знае упорно и плодоносно да работи во корист на сопствената штета. Колку се поголеми и подлабоки обврските во договорот со Грција, толку подобро за Македонија. Не е така како што изгледа на прв поглед. Суштината е чиста спротивна на појавноста. Ако е името се што имаме, тоа треба да не стимулира да ја прифатиме неговата промена. А не да ја браниме таа фатална нишка.

Подобро е да произведеме од себе едно квалитено ништо, отколку да останеме мува зунзара која одвреме-навреме излегува од шупакот на Историјата и вика: Ма ке до ни ја! Таа промена е вреќа со песок што ќе го задржи нашиот балон во пријатен лет ако се ослободиме од неа. Сигурно. Тој куп на промени ќе не подготви да преминеме од политичката јура во новиот мезозоик. Ако, пак, ги одбиеме промените, нема да го спречиме доаѓањето на новата ера. Македонија не може да одбие да влезе во август. Или да не го признае доаѓањето на новиот ден.

Промените се во тек

Промените, и тоа многу длабоки и суштински, веќе се одвиваат во Македонија. Договорот за името е еден елемент, нотарска заверка на тоа што веќе се случува. Би требало да ни е полесно да го прифатиме. Јас имам впечаток дека меѓународната заедница и домашните актери, и тука и во Грција, добро ја изменаџираа целата операција. Кокошката нема зошто повеќе да бега. А и петелот, тоа сега се гледа, не е некое страшно животно.

Договорот е акт еднаков на асномскиот. Многу позначаен од глупавата ѓурултија што комитите на бугарскиот цар ја направија во 1903 година. И од сите походи на Александар. Хахаха! Мислам дека на работите треба да гледаме во тие димензии. Пред седумдесет и кусур години се ослободивме и се конституиравме како држава и како нација затоа што покажавме храброст и се определивме на вистинската страна на историјата, денеска е работата во тоа со истата вредносна ориентација и припадност, да се ослободиме од себе, од своите комплекси и стравови.

Чипираните и обичните идиоти односно и вмроните и другите будали, треба да се третираат како ѕверови во одумирање, како минијатурни тираносауруси што ќе останат без храна сега кога ќе им го земеме од челуста омилениот оброк на националното прашање, на идентитетот, на јазикот, на достоинствтото. Блаблабла. До конечното одумирање треба да се остават да завиваат како глутница или да тропаат како празна канта носена по улиците од ветрот на промените.

И тие последни предсмртни звуци им се одвратно стенкање: здравството пропаѓало, судството пропаѓало, администрацијата пропаѓала, младите пропаѓале во туѓина, тоа е тоа завивање на малите глави кои ќе ги умрат телата на сета таа патетична стока. Тие мислат дека се разбудени, но јас тврдам дека никогаш не биле помртви. Договорот со Грција ќе има две големи капитални поенти: конституцијата на Македонија врз нови основи, ослободени од старите фрустрации и смрт на стоката која врз основа на тие комплекси ја држеше нацијата како своја кампушка во балканскиот подрум, ја ебаваше и силуваше и ја тероризираше на сите можни други начини цело време.

Мицкоски, сега е тоа сосема недвосмислено, се определи за комплетна идентификација со криминалното и злосторничко минато на својата партија, тоа е идејната основа во неговите погледи која, пак, ќе се потпира врз македонското просташтво, неписменост и глупантропство, како материјална сила. Вмровизмот и во новото издание останува кретенизиран македонизам.

Со други зборови, Мицкоски се определи партијата да ја држи трајно далеку од власта, да ја води како ѓурултиџиска група за селски чалами и галами.

Така што полека се бистри сликата на која се гледа дека преговорите за името се солуција за извлекување на Македонија од историскиот банкрот. Мислам дека можеме и така да гледаме на работите. Расправата за марката на чамецот ја замаглува претставата дека се работи за несреќници кои треба да се спасат од студените води на разбрануваното море. Тоа е. Голема победа за Македонија!

Граѓанскиот дух

Повремено ми приговараат дека мистифицирам. Неодамна една жена ми вели: – Вие мистифицирате! Никогаш не се знае дали тоа го правите сериозно или поради парадокс, поради измама!

– Глупакот- и реков – од ништо не се плаши повеќе колку од тоа да не го намагарчат! Но, глупердо, што имаш ти од тоа да знаеш дали нешто правам “искрено” или “неискрено”? Каква врска има тоа со исправноста на мислите што ги изговарам. Можам “неискрено” да изговорам до небо висока вистина, а искрено да истресам најголема глупост. Научи да ја оценуваш мислата независно од тоа кој и како ја изговара.

Се разбира, мистификацијата е препорачлива за писателот. Само нека ја мати водата околу себе да не се знае кој е и што е. Доста беше блаженото дремење во прегратката на взаемната доверба. Почувствувај го духот! Бдеј! Адио, глупаци!

Предизвикан од неверојатно глупавите одбрани на ликот, делото и трудничкиот статус на една бивша министерка по повод еден мој статус на фејсбук, си земав слобода да ја упикам својата скромност во оваа гомбровичевска одбрана од агресијата на “нижоста” што би рекол славниот Витолд. Можеби на “понискоста”, не знам како би се превело на македонски тоа зборче што ја означува духовната третокласност. И затоа уште еднаш: Адио, глупаци!

Кога дојде време да се ослободуваме од комунизмот ние прво ја фрливме неговата граѓанскост. Во луѓето, во културата, во се. И ширум ги отворивме вратите на примитивизмот облечен во рувото на кретенската вмровштина. И левицата, се разбира, не остана имуна на новите искушенија. На снаодливото глупантропство од кое тука се простувам.

Комунистичката граѓанскост во Македонија беше повеќе граѓанскост отколку комунизам. Неотпорна, недоволно вкоренета, површинска, можеби, млада, впрочем, како и целата нација, но сепак исшлифувана, на добар пат да се ослободи од идеолошкиот баласт и да се обезбеди себе како зона во која општеството ќе се повлече и ќе ја обезбеди својата репродукција по крахот на идеолошките матрици на комунистичката партија.

Но, не! Транзицијата ја оддува таа класа како прнар на отворено поле. Затоа што преткомунистичката граѓанска структура ја немавме, а оваа од времето на комунизмот се покажа мека, премногу фина, на некој посебен начин незрела, преподложна на новите материјални и политички искушенија или повлечена на безбедна дистанца од врелото на новите процеси.

Па сепак, убедливо супериорна во својата култура, естетика и морал. Како неповторливо остварување и на граѓанскоста и преку неа на таканаречените национални интереси. Ограниченостите на комунизмот беа надоместувани со елеганцијата и духот на таа граѓанскост. Како што и југословенскиот контекст не беше хендикеп туку неверојатна предност за македонскиот проект. Заминувањето на Матеја Матевски ми ги разбуди овие сентименти. Заминуваат еден по еден големите луѓе на перикловото време на класичниот македонизам.

 

(Објавено во „Слободен печат“)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...