Шекеринска во Брисел: Македонија заслужува да стане 30. членка на НАТО

295

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Брисел се сретна со колегите од Германија, Белгија, Холандија и Италија, земји членки на НАТО, во пресрет на НАТО Самитот во јули.

Таа разговараше и со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, на маргините на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО.

Од своите колеги Шекеринска побара поддршка за членство на Македонија во НАТО, посочувајќи дека сегашниот момент не треба да се пропушти бидејќи таква можност нема да се повтори во скоро време.

На средба со германската министерка за одбрана Урсула вон дер Лејен беше заклучено дека соработка меѓу двете земји е на високо ниво и со взаемно разбирање. Шекеринска се заблагодари за континуираната поддршка од Германија во реформските процеси во одбраната и за влез во НАТО. На средбата со министерот за одбрана на Кралството Белгија Стивен Вандепут беше потврдена високата соработка и беше заклучено дека таа треба да се продлабочува и унапредува во континуитет.

На средбата со министерката за одбрана на Кралството Холандија Анк Билјевелд-Шоутен, Шекеринска изрази задоволство од холандската поддршка за членство на Македонија во НАТО и ја истакна подготвеноста за интензивирање на соработката. Во разговорот со италијанската колешка Елизабета Трента, беше искажана поддршка за реформскиот процес и за членството на Македонија во НАТО.

Македонија беше посочена како добар пример за исполнување на обврските на патот кон евроатлантските интеграции и како позитивен сигнал за регионот.

Заедничката порака на Шекеринска до сите министри беше дека Македонија заслужува да стане 30. членка на НАТО.

– Внесовме нов дух во односите со соседите. Отворивме дијалог и ги решаваме сите спорни прашања. Потпишавме договор за добрососедство и пријателство со Бугарија и сме на пат да го решиме 27 годишниот спор за името со Грција. Немаме други незатворени билатерални или гранични прашања – порача Шекеринска во Брисел.

На состанокот на НАТО предводен од Столтенберг во чиј фокус беше мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, министерката рече дека Македонија од почетокот на 2018 година го зголеми своето учество и дека поддршката ќе продолжи. Шекеринска ги информираше министрите и генералниот секретар на НАТО дека новата демократска влада во Македонија презеде сериозни реформи во сите области вклучително и во одбранбениот сектор.

„Македонија изоде долг пат, и направи голем скок во интегративните процеси, што го потенцира нашиот кредибилитет како полноправен член на НАТО алијансата во блиска иднина. Се надеваме на членство во НАТО кое ќе биде признание на нашите напори и ќе ја зајакне безбедноста во регионот“, порача министерката за одбрана.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...