Дали треба да се субвенционираат медиумите? Дали треба да се субвенционират печатените медиуми? Ова се прашање на кои денеска претставници на медиумите, на Владата и на меѓународната заедница дебатираа на средбата организирана од Центарот за развој на медиуми.
Беа изнесени повеќе ставови за субвенционирање, особено на печатените медиуми за кои постои опасност од згаснување имајќи ги предвид постојаниот технолошкиот напредок и развојот на интернет медиумите.
Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми рече дека тие немаат намера да идентификуваат или да понудат нови бизнис модели што ќе ги заменат традиционалните засновани на продажба на рекламен простор. Намерата е да се отворат прашања за тоа дали, како, од кои средства ќе се обезбеди таквата поддршка на печатените медиуми и до кога би траело субвенционирањето.
Центарот за развој на медиуми, во рамките на своите редовни активности подготви нацрт-документ за јавни политики за прашањето на субвенционирање на медиумите и медиумската продукција. Во документот се наведува ставот на дел од експерите дека новинарството нема да може никогаш повеќе да се финансира од рекламирање, а главната причина за тоа е тоа што огласувачите забрзано се селат кон интернет. Состојбата не е поразлична ниту во Македонија, каде печатените медиуми, а во голема мера и информативните медиуми што објавуваат ексклузивно преку интернет, се соочуваат со пад на приходите од реклами, како и со се поголемо учество на социјалните мрежи и големите глобални технолошки компании, примарно Фејсбук и Гугл, во вкупните трошења на дигитално рекламирање.
Според проценките, Фејсбук и Гугл лани контролирале 1/5 од рекламите во светски рамки.
Субвенциите треба да обезбедат одредени групи граѓани да имаат пристап до медиумски содржини кои не можат на друг начин да го направат тоа. Како што беше истакнато на дебатата, има дилема дали треба да се финансира застарена технологија, дали може да се избегне губење на работни места во редакциите и дали субвениците треба да ги вратат парите од рекламите.
Асоцијацијата за печатени медиуми неодамна поднела предлог до државата за директна помош за печатените медиуми. Според Лирим Дулови уредник на весникот Коха и претставник на Асоцијацијата, тие немаат дилеми дали треба да се субвенционираат печатените медиуми.
Тие од Владата побарале таа да покрие 50 отсто од трошоците за продажба и дистрибуција на печатените медиуми, да се обезбеди поддршка за медиумите чии изданија не се на македонски јазик, побарале даночни олеснувања за новите вработувања односно ослободување од здравствено и пензиско осигурување до три години за нови вработувања и 50 проценти намалување за постојните вработувања, да се почитуваат законската обврска огласите да се објавуваат во најмалку три весници. Дулови кажа дека тие би сакале Владата да направи проценка за тоа колку е можно да се обврзат компаниите каде Владата има свое учество како Телеком дел од рекламите да ги објавуваат во печатените медиуми. За да ги добијат овие субвенции, предлогот на Здружението е, печатените медиуми да ги имаат подмирено обврските кон државата. Дулови кажа дека тие би сакале овие решенија да бидат ставени во закон и за тоа побара експертска помош од еснафските здруженија.
Новинарот Зоран Димитровски од Фокус смета дека државата треба да направи напор да се издвојат средства за истражувачко новинарство, да се формираат тела кои би направиле проценка како тоа да се поттикне не само за печатените медиуми, туку и за другите, без да се форсираат одредени медиуми.
Сликата за паѓањето и зголемувањето на тиражите на печатените медиуми во САД и во некои земји во Западна Европа е различна. На пример, рече Димитровски, во Германија и во Австрија тиражите на некои весници се зголемени имајќи ги предвид претплатите по економската криза.
Новинарството, како што кажа, Александар Дамовски од порталот мкд.мк, е бизнис, со поголема општетсвена одговорност и затоа треба да се создадат еднакви услови за сите. Неговата редакција која брои десет новинари три месеци во годината работи за да исплати ДДВ на државата, односно на годипшно ниво тоа за нив значи 20.000 евра. ДДВ-то треба да се намали од 18 на 5 отсто за овие медиуми, а тоа, според Дамовски ќе овозможи парите од реклами да останат таму.
Што добиваме ние од државата, праша Дамовски, додавајќи дека за интернет медиумите нема закон, нема лиценцирање.